Предложено од делегатите од МОДОМ на Третиот Конгрес на Демократската обнова на Македонија (ДОМ), одржан на 21 декември 2014 година, во Скопје
Младите претставуваат речиси една четвртина од населението на Република Македонија или поточно 480.828 жители кои се на возраст од 15 до 29 години. Сепак, младите во Македонија се сеуште маргинализирани, младинските политики не се доволни, нивните потреби се неисполнети, не се доволно запознаени со претставничките тела , не е јасна вклученоста во процесите на донесување на одлуки, а механизми за поддршка на младите не функционираат или се непостоечки.
Улогата на политичките подмладоци во штитење на интересите на младите и нивно унапредување се од суштинско значење за создавање на активни граѓани кои продуктивно ќе придонесуваат кон создавање на демократско и одржливо општество.
Младинската организација на ДОМ (МОДОМ), како организација со зелена идеологија, има јасни цели кон унапредување на состојбата со младите во Република Македонија и ќе се фокусира во следните области:
1.Младинска невработеност
Невработеноста на младите во Република Македонија изнесува 55% и претставува сериозен политички предизвик и е од суштинско значење за економскиот развој на општеството. Причините за овој висок процент се од различен карактер, од образовен, економски, културен до политички. МОДОМ се обврзува да работи во оваа област преку унапредување на образованието, практичното искуство и понудата на пазарот на трудот за младите луѓе во областа на екологијата и одржливиот развој. Од клучно значење се факултетите и универзитетите кои нудат образовни можности во областа на екологијата, обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност, еколошко инженерство, одржлива архитектура, еколошко право итн. и создаваат знаење и експерти кои се потребни за градење здраво и одржливо општество. Од друга страна, побарувачката за ваков вид знаење и експерти од страна на приватниот и јавниот сектор се повеќе расте. МОДОМ ќе придонесе кон доближување на понудата и побарувачката на еколошкиот пазар на труд преку унапредување на политиките кои го зајакнуваат образовниот процес и овозможуваат квалитетно практично искуство за младите и нивната вработливост во приватниот или јавниот сектор.
2.Информирање и вклучување на младите во процеси на донесување одлуки на локално и национално ниво
Процесот на активирање на младите започнува со информирање за нивните права и вклучување во процесите на донесување одлуки на локално (општинско) и национално (државно) ниво. Во секоја општина се формира или постои локален младински совет кој треба да ги претставува интересите во општината и да овозможи политика која ќе ги задоволи потребите на младите на локално ниво. МОДОМ се обврзува да ги штити интересите на младите и да воспостави механизам за информирање и вклучување што поголем број на млади во донесувањето на одлуките на локално или национално ниво. Членувањето на МОДОМ во различни локални или национални мрежи, чадор организации и соработка со останатите политички подмладоци ќе обезбеди дополнителен механизам за поддршка, информирање и вклучување на младите на секое ниво во општеството.
3.Независност на политичките подмладоци
Информирањето, вклучувањето и активирањето на младите во процесите на креирање политики и носење одлуки започнува најпрвин со внатрешно организациски во секоја прогресивна партија. Воспоставување на механизми за постигнување на независност на политичките подмладоци е процес кој секоја демократска организација мора да го изоди за да постигне одржливост и успешност на долг рок. МОДОМ ќе се залага за создавање и реализирање на сопствена програма која ќе ги земе предвид потребите на младите и ќе бара начини на финансирање со цел доследно и успешно реализирање на целите на програмата. МОДОМ ќе се залага за интелектуално вклучување на младите во структурите на матичната партија и придонес од суштински карактер и долгорочни резултати. За постигнување поголема независност МОДОМ ќе се стреми кон воспоставување политики и механизми на информирање, вклучување, финансирање и активирање на младите во сите структури на партијата и дејствување на секое ниво во општеството.