ДОМ предлага одложување на Законот за високо образование

ДОМ предлага одложување на носењето на Законот за високо образование, за да се обезбеди широка јавна дебата и да се земат предвид аргументите на студентите и професорите. Ова е многу сериозен закон кој е многу важен за целото општество и бара длабинска анализа на целиот образовен систем. Зашто, ако постои можност за продукција на лоши кадри и лажни дипломи, тоа е проблем на институциите и на системот. 

Но, ДОМ не се сложува со брзината на носење на Законот. ДОМ апелира до МОН да се направи темелна анализа на овој образовен систем како и евалуација на досегашниот КТС систем, да се укаже на недостатоците и на сите недоследности, да се ревидираат наставните програми согласно со европските.

Во спротивно, доколку набрзина се прифати ваква реформа во високото образование, ДОМ е убеден дека тоа нема да придонесе во подобрувањето на квалитетот на образованието, притоа ќе се наруши интегритетот на професорите и автономијата на универзитетите, а ризикот од несакани ефекти и негативни последици од набрзина донесените промени во високото образование е несомнен.

ДОМ генерално ја поддржува идејата на МОН за подобрување на квалитетот на високото образование и негово приближување кон образованието на реномираните европски факултети. Добрата намера за унапредувањето на високото образование се огледа во неколкуте ставки во новиот Закон за високо образование и тоа: напуштањето на досегашниот КТС систем и воведувањето на системот 4+2 за додипломски и последипломски студии, воведување на усмен испит во оценувањето на студентите, објавување научни трудови особено со импакт фактор во градење на наставно-научната кариера и обврзно активно познавање на странски јазици…