Поповска не го поддржа Законот за просторно и урбанистичко планирање

Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ не го поддржа Законот за просторно и урбанистичко планирање поради тоа што има повеќе лоши решенија како на пример: исклучување на јавната дебата со граѓаните при носење на ДУП-от, гласање на ДУП-от со 1/3 од советниците и обврската за прифаќање на каква и да е иницијатива за градба во една општина.

А како најголема забелешка Поповска го истакна тоа што овој закон се носи пред донесувањето на одамна подготвениот и поминат на серија јавни расправи Закон за зеленило. Како што кажа Поповска, Законот за просторно и урбанистичко планирање би требало пред се да биде во насока на обезбедување услови за хумано живеење, а потоа да биде во интерес на инвеститорите.

Истовремено Поповска се заложи за поголема децентрализација на државниот буџет во интерес на општините, за да не биде нивниот економски развој зависен исклучиво од градењето, а на штета на хуманото живеење.