Како Македонија да биде уште поатрактивна за туристи од земјата и регионот?

На денешната трибина на ДОМ на тема: ʺКако Македонија да биде поатрактивна за туристите од земјата и регионот?ʺ се дискутираше за неопходните чекори со кои овие туристи ќе го следат трендот на пораст на туристите од подалечните земји, кои се удвоени во последниве неколку години, благодарејќи на владините мерки за поддршка.

Свои ставови изложија Кристијан Џамбазовски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Асим Меѓедовиќ од ХОТАМ, Александар Коневски од Асоцијацијата на агенции за дојдовен туризам, Ана Петровска од РЕЦ, Владо Србиновски од Балканија и Љупчо Јаневски, експерт за стратешки маркетинг. Следеше богата дискусија, од која произлегова повеќе заклучоци:

  1. Да се направи Стратегија за развој на туризмот, со посебен осврт на домашниот, врз база на направена анализа на состојбите во туризмот со серија анкети на потрошувачи;
  2. Да се подобри промоцијата на македонскиот туризам за туристи од земјата и регионот, зашто има слабо познавање на Македонија од самите нејзини граѓани;
  3. Да се отворат информативни туристички пунктови во сите региони и влезови во земјата;
  4. Да се прошири листата на субвенции за повеќе земји од регионот за 7-дневни пакети со авион (Турција, Романија, Чешка, Словачка, Унгарија и сл.);
  5. Да се воспостави подобра соработка на сите чинители во туризмот, посебно на хотелиерите и агенциите;
  6. Да се збогати туристичката понуда со туристички производи конкурентни во регионот со цена и квалитет;
  7. Да се направат туристички пакети за посебни целни групи, посебно за ученички екскурзии, настава во природа и кампови, со квалитетна понуда и цени;
  8. Да се стимулира руралниот, еко, авантуристички и др. видови алтернативен туризам.