Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија денеска одржа јавна расправа на тема: Годишен извештај за имплементација на Стратегијата за родова еднаквост за 2013 година.
Воведно излагање имаа претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, г-ѓа Лилјана Поповска и г-ѓа Доминика Стојановска од Канцеларијата на Un Women.
На темата, свои излагања имаа претставниците на Министерствата кои работат на имплементација на Стратегијата за родова еднаквост 2013-2020 и тоа: г-ѓа Елена Грозданова, државен советник на Министерството за труд и социјална политика; д-р Никица Панова, раководител на сектор на Министерството за здравство; г-ѓа Ардијана Абази-Рамадани, помошник-раководител на сектор во Министерсвото за економија и г-ѓа Надежда Узелац, советник во Министерството за образование и наука.
На расправата зедоа учество и дискутираа претставници на локалните комисии за еднакви можности, Македонското женско лоби, Un Women, НДИ, како и претставници на невладините организации: Акција Здруженска, Антико, Реактор и НСРР СОЖМ.
По дискусијата беа донесени следните заклучоци:
1. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите го прифаќа Годишниот извештај за имплементација на Стратегијата за родова еднаквост за 2013 година со сугестија Владата да го дополни со извештајот од Министерството за образование и наука, кој е изработен и недостига во текстот;
2. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ги дава следниве забелешки и сугестии во однос на имплемeнтацијата на Стратегијата за родова еднаквост:
- Да се смени форматот на Извештајот кој ќе го следи Aкцискиот план со секторските приоритети, со мерки, индикатори, средства, резултати и идни чекори во согласност со измените и дополнувањата на Законот за еднакви можности на жените и мажите;
- Да се обезбеди усогласување на оперативните планови со Акцискиот план од Стратегијата, како и на системот за прибирање на податоци со индикаторите што ги користи Владата во стратешките документи;
- Препорачуваме Министерството за здравство да работи на зголемување на одзивот на жените за скриниг на малигните заболувања преку кампањи во кои КЕМ е спремна да се вклучи, а истовремено бараме Министерството за здравство да ги анализира можностите за воведување на задолжителен пап тест со обезбеден пристап за сите жени;
- КЕМ сугерира да се вклучат родовите студии поинтензивно во високото образование;
- Да продолжи борбата на целото општество со стереотипите и предрасудите;
- Да продолжат активностите за понатамошно зголемување на учеството на жените во политиката;
- Да се зголемат средствата наменети за економско јакнење на жените и спроведување на информативна кампања за поголем пристап на жените до тие фондови.