Mногу е важно постапката за инвестицијата на ДуПонт (DuPont) и на Етанол Јуроп Рињуаблс Лимитед (Еthanol Europe Renewables Limited) да се води транспарентно и со целосен мониторинг од јавноста (академска, граѓанска, политичка, медиуми). ДОМ нагласува дека Македонија мора да остане земја во која нема да се произведува ГМО за никакви цели, а трајна определба да биде производство на здрава храна и заштита на животната средина како услов за која и да е инвестиција.
Веста за потпишувањето меморандум за влез на ДуПонт во Македонија со фабрики за производство на етанол како биогориво наиде главно на добар прием во јавноста, со оглед на висината на инвестицијата и бројот на нови вработувања што се најавуваат.
ДОМ ги цени напорите на владиниот тим за привлекување странски инвестиции, кој дава резултати – влегоа голем број странски инвеститори и се отворија илјадници работни места. Но, во светот се нудат и инвестиции кои можат да донесат загуба за една земја, а не добивка. Такви се инвестициите во нуклеарки, генетски модифицирана храна, како и загадувачка индустрија од различен вид.
Како зелена партија, должни сме јавно да го прашаме министерот за странски инвестиции, Бил Павлески: Дали е инвестицијата на ДуПонт еколошка? Од кои растенија се планира производството на етанол и од какво семе? Која институција е задолжена за контрола на семето и како ќе ја врши? Како ќе се обезбедиме од влез на генетски модифицирано семе, кое е забрането со закон?
Загриженоста на ДОМ е разбирлива, кога се знае дека фирмата ДуПонт е една од четирите фирми во светот што произведуваат огромни количества генетски модифицирана храна. Понатаму, оваа американска фирма има фабрики за производство на биогориво низ целиот свет и секаде се работи со генетски модифицирано семе, заради поголеми приноси. Дали во Македонија ќе направат исклучок и ќе употребат природно семе? – изјави женскиот портпарол на ДОМ Маја Морачанин
Би останале засега на овие прашања, иако треба да се спомене дека производството на биогорива е многу дискутирана тема, поради редица забелешки:
• Каков вид растенија се користат (дали се дождовни шуми, растенија за храна, природни или генетски модифицирани организми и сл.)?;
• Каква почва се користи (Дали се одзема плодна почва употреблива за производство на храна)?;
• Дали се влијае врз биодиверзитетот со преголема употреба на пестициди, кои секогаш одат заедно со генетски модифицираните организми, но и со окупирањето на една територија со еден вид растенија?;
• Колкаво количество вода се користи за производство и какво е влијанието врз водите?;
• Какво е влијанието врз здравјето на луѓето во непосредната околина и пошироко од добиениот производ?
• Каков е целиот процес на производство и дали не произведува повеќе CO2 во атмосферата, отколку што ќе биде заштедата при употребата на етанолот наместо фосилно гориво и сл.
Поради сево ова многу е важно постапката за инвестицијата на ДуПонт (DuPont) и на Етанол Јуроп Рињуаблс Лимитед (Еthanol Europe Renewables Limited) да се води транспарентно и со целосен мониторинг од јавноста (академска, граѓанска, политичка, медиуми). ДОМ нагласува дека Македонија мора да остане земја во која нема да се произведува ГМО за никакви цели, а трајна определба да биде производство на здрава храна и заштита на животната средина како услов за која и да е инвестиција – рече машкиот портпарол на ДОМ Тони Ристов.