ОД ХРВАТСКОТО ИСКУСТВО МОЖАМ ДА КАЖАМ ДЕКА СЕ ПОТРЕБНИ ТРПЕНИЕ И УПОРНОСТ И ШТО ПОВЕЌЕ ДА ГИ ИСКОРИСТИТЕ МЕХАНИЗМИТЕ ОД АКТУЕЛНИОТ И ОД ИДНИОТ СТАТУС НА ЗЕМЈАТА. ГРАЃАНИТЕ НА МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДОБРО ДА СЕ ЗАПОЗНААТ СО ФУНКЦИОНИРАЊЕТО НА ЕУ, НЕШТО ШТО МИСЛАМ ДЕКА ХРВАТСКА НЕ ГО НАПРАВИ, ОСОБЕНО СО ПРАВАТА ШТО ЌЕ ГИ ИМААТ КОГА МАКЕДОНИЈА ЌЕ СТАНЕ ЧЛЕНКА, ВЕЛИ ХРВАТСКИОТ ЕВРОПРАТЕНИК ДАВОР ШКРЛЕЦ
За членство во Европската Унија се потребни трпение и упорност, како и искористување на сите механизми што ги овозможува сегашниот статус на Македонија, но и тој што во иднина очекуваме да го добиеме како полноправна членка на ЕУ, вели Давор Шкрлец, хрватски пратеник во Европскиот парламент како член на зелените, односно на Европската слободна алијанса (ЕФА). Шкрлец, кој присуствуваше на конференцијата „Еколошка безбедност на Балканот – спремен одговор за климатските промени“ што минатиот викенд се одржа во Скопје, е и потпретседател на партијата Одржлив развој на Хрватска (ОРАХ), која исто така е зелена партија. За Европскиот парламент вели дека најважна е работата во комитетите, каде што се одлучуваат легислативите и се договараат ставовите. Тој е редовен член во Комитетот за животна средина, јавно здравство и безбедност на храна, како и заменик-член во уште два комитети.
Што може Македонија да научи од хрватското искуство на патот кон ЕУ? Какви совети и препораки можете да ни дадете?
– Од нашето искуство можам да кажам дека се потребни трпение и упорност, како и тоа што повеќе да се искористат сите механизми што ви ги овозможува овој статус и тој што треба да се добие. Исто така, граѓаните на Македонија треба добро да се запознаат со функционирањето на ЕУ, нешто што мислам дека Хрватска не го направи, особено со правата што ќе ги имаат кога ќе станете членка. Државните институции треба да ги искористат фондовите за јакнење на капацитетите или, како што велам јас, за јакнење на професионализмот на државните и на јавните службеници, зашто државните службеници се тие што ја прават државата, а не министрите. Успешна држава е таа што има успешни државни службеници, професионални, со познавање на повеќе странски јазици, како и добро запознаени со законите на ЕУ и процедурите. Тука би го истакнал примерот на Полска, која е двоен победник, според мене, гледајќи нѐ нас како транзициски земји, меѓу кои сте и вие. Полска максимално ги искористи претпристапните фондови, а со влезот во ЕУ направи многу добар потег, бидејќи се приспособи на системот НУТС, кој е всушност хиерархиски систем за поделба на економската територија на ЕУ.
Територијалната организација на државата ја приспособија на тоа и станаа најефикасни во користењето на ЕУ-фондовите и, што е многу важно, за време на економската криза ги искористија за развој на стопанството, а не на нешто што подоцна ќе биде трошок. Затоа, мој совет е ако треба да учите од нечие искуство, учете од Полјаците. Ние во секој случај ќе ви помогнеме, низ Европскиот парламент и колку што е дозволено ќе влијаеме на европските институции и на Европската комисија. Подгответе се добро и искористете го времето за да поставите добри темели, што подоцна ќе ви се врати повеќекратно.
Соработка во регионот
Како е да се биде дел од Европскиот парламент, со оглед на тоа што Хрватска е најнова членка на ЕУ?
– Јас сум нов пратеник, ова ми е прв мандат и може да се каже дека сѐ уште сум во фаза на учење. Како пратеник можете да бидете или независен или дел од некоја политичка групација. Јас уште од почетокот на создавањето на ОРАХ бев поврзан со европските зелени и поради тоа дојдов на тоа место. Политичките групации ги делегираат своите членови во комитетите, на пример јас сум редовен член во Комитетот за животна средина, јавно здравство и безбедност на храната, а заменик-член сум во Комитетот за транспорт и туризам и во тој за регионален развој. Работата во нив е многу важна зашто таму се одлучуваат легислативите и се договараат ставови. Јас сум и во интерпарламентарната група ЕУФОРЕС, која поттикнува искористување нови извори на енергија и преку која двапати годишно се посетува некој парламент на земјите-членки во ЕУ. При посетата на парламентот во Португалија, која ќе се одржи овој месец, ќе има конференција со многу интересни теми. Јас ќе претседавам со една секција за енергетска ефикасност во Југоисточна Европа. Сметам дека целиот овој регион има голем потенцијал за енергетска ефикасност и дека за успешно користење се потребни соработка и координација во регионот.
Без ГМО-храна
Какви заклучоци беа донесени на конференцијата „Еколошка безбедност на Балканот“ што деновиве се одржа во Скопје?
– Сведоци сме дека во последниве три години имаше големи климатски промени во овој регион, почнувајќи од 2012 година со екстремната зима, па екстремната суша и оваа година екстремен дожд, од кои штетите на шумите на Балканот се големи и ќе помине долго време додека да се обноват. Долгорочни штети има и од поплавите што траеја речиси цело лето, па дури и во септември имаше опасност од поплави. Донесовме заклучоци дека е потребна поголема соработка во регионот, зашто климатските промени сите нѐ погодуваат и дека мора да се работи на заштитата на околината и на природните ресурси. Исто така треба да го осигуриме производството на здрава храна како основа за здраво население, односно целиот Балкан да биде без генетички модифицирана храна. За сето тоа се потребни пари и поради тоа разговаравме дека може да се основаат фондови што ќе се занимаваат со превентивни активности и нормално, откако ќе има штета, таа да може да се покрие од тие фондови. Се договоривме дека ќе испратиме писма до владите во нашите земји, Европската комисија и Европскиот парламент, со кои ќе ги повикаме на заедничка акција, во која ќе биде вклучено и финансиско помагање, како и едукација. Сакаме Европската комисија да нѐ гледа како една заедница, бидејќи во таа заедница има и држави што се нејзини членки. На конференцијата учествуваа претставници и претседатели на зелени партии од единаесет земји на Балканот.
Дали со економската криза што ја зафати и Европската Унија се отстапи од некои финансирања за дел од заложбите на ЕУ за одржлив енергетски развој, како и поголема свесност за екологијата и климатските промени?
– Многу од членките на ЕУ успеваат да ги постигнат целите испланирани со планот за енергетски развој. На повеќето веќе и не им требаат субвенции за обновливи извори на енергија или, пак, ако им требаат, има други механизми преку кои можат да се обезбедат. За жал, сѐ уште има, иако не се зборува многу за тоа, субвенции за јаглен, иако го користиме над 100 години. Тоа не се директни субвенции, како што се тие за обновливи извори, но има на пример за транспорт, за работа во рудници, односно скриени субвенции што го прават јагленот евтино гориво и понатаму. Во поглед на плановите на ЕУ за екологијата, во ноември годинава ќе се донесе завршна одлука за енергетско-климатски пакет од 2020 до 2030 година. Повеќето земји-членки имаат визија за одржлив развој дури и до 2040 година, а целта е до 2050 година да има економија и општество со ниска употреба на јаглерод.
Ја менуваме перцепцијата за зелените партии
Кои се главните цели на партијата Одржлив развој на Хрватска (ОРАХ), каде што сте потпретседател?
– Партијата е основана во ноември минатата година и првенствено преку неа сакаме да ја смениме перцепцијата на луѓето за зелените партии дека се само застапници за екологија. Затоа се засноваме на принципот одржлив развој, и тоа трите степени на кои се темели, заштита на околината, економски развој и човекови права. На едноставен јазик им објаснуваме на луѓето дека ако имаш развиена економија, а уништена околина и многу сиромашни луѓе, тоа не е одржливо. Мора сѐ да биде хармонизирано, избалансирано и да бидат исполнети сите три степени за еден одржлив развој.
Интервјуто беше направено за дневниот весник „Нова Македонија“ на 9.10.2014година.