ДОМ предлага прецизирање на Законот за работни односи, за да биде недвосмислено јасно дека и жените, доколку сакаат, имаат избор за пензионирање до 67 години, како и мажите.
Од реакции во јавноста се гледа дека постои различно толкување на членот 5 од најновите измени на Законот за работни односи, каде стои: „Работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години за маж, односно до 65 години за жена, доколку со закон поинаку не е утврдено.“
Токму последниот дел од реченицата „ доколку со закон поинаку не е утврдено “, овозможува и жените да можат да работат до 67 години, зашто според Законот за еднакви можности на жените и мажите, не смее да има дискриминација по пол во ниедна сфера на живеењето, па ни во работните односи. Значи, сите жени што сакаат да продолжат со работа до 67 години, може да поднесат барање до 31 август и работодавачот е должен тоа да им го одобри.
Забуна можеби кај некого создава Законот за пензиско и инвалидско осигурување, каде е определена најниската граница за стекнување старосна пензија – на 64 години за маж и на 62 години за жена. За разлика од него, во Законот за работни односи е определенанајвисоката граница до кога може да се работи.
Во старата верзија на Законот за работни односи, во членот 104, став 2, постоеше едноставна и јасна формулација дека сите вработени можат да работат до 64, а по одобрено барање и до 65 години. Една старосна граница од 65 години постои и во Законот за високо образование. Треба да се напомене дека тоа е пракса на најголем број земји во светот.
ДОМ е убеден дека најновите измени на Законот за работни односи правилно ќе се практикуваат, а за да нема дилеми, овој член може да се даде и на автентично толкување во Собранието. Дополнително, членот 5 би можел да се прецизира и упрости со интервенција на пратеници, за што ќе извршиме консултации со претставници од другите партии
Пресот го одржа Маја Морачанин – претседателка на Форумот на жени на ДОМ и портпаролка на ДОМ
Со почит,
Сектор за односи со јавност на ДОМ