Општинската организација на ДОМ од Охрид во согласност со своите политики и програмски приоритети, а врз основ на барање на станарите од станбената зграда на ул. „Јане Сандански“ бр. 61 упатено до нас како општинска организација,се залага за заштита на зеленилото во урбаниот дел на општина Охрид.
Имено дел од станарите на посочената адреса самоиницијативно и нерегуларно собираат потписи за иницијатива за сечење на 6 (шест) липи, без аргументирано образложение за причината поради која бараат ваква акција, без да бидат консултирани и информирани сите станари и без да го информираат управителот на зградата. Од друга страна, во оваа зграда има станари (станари кои упатија Барање до ОО ДОМ Охрид), кои категорично се против сечење на липите, кои воопшто не се консултирани од страна на иницијаторите, и кои жестоко се противат на иницијативата за сеча на липите..
На истата локација пред десетина години, биле исечени 29 дрвја, со претходно образложение за наводно уредување на паркот. По тоа не се преземале активности за поврат на зеленилото, а станарите се изложени на директна сончева топлина, ветрови и дождови. Заштитата од сеча на шесте липи значи многу за станарите од оваа зграда, но и на сите граѓани на Охрид, пред се заради нивната природна вредност како прочистувачи на воздухот, како декор во урбаниот пејсаж и заштита од временските неприлики.
ДОМ неколку години наназад го подготвува законот за зеленило, во соработка со ЗЕЛС, Град Скопје, јавните претпријатија од Скопје и стручни лица од оваа област. Истиот закон е дел од приоритетите за коалиционен настап на ДОМ, при што е договорено истиот да биде донесен во првите сто дена од формирањето на Владата на Република Македонија.