ДОМ ги подготви кривичните пријави против МАКСТИЛ и ЈУГОХРОМ за Кривичните дела:
- Загадување на животната средина и природата (член 218) и
- Загрозување на животната средина со отпадни материи (член230).
Се повикуваме на прекршување на одредбите од Законот за животна средина, член 138 став (1) (за непочитување на рокот 01.04.2014 за еколошко прилагодување), како и на Уставот на РМ, член 43 став (2), (“секој е должен да ја унапредува и штити животната средина”).Кривичните пријави се поради загрозување на здравјето на граѓаните на Скопје и Тетово, како и поради уништување на животната средина во градовите и нивната околина.
Законот за животна средина е донесен во 2005, а металуршкиот сектор имаше обврска да подготви оперативни планови за еколошко прилагодување до крајот на 2006. Во секој оперативен план беа наведени предлог-мерките за отстранување на одредени еколошки проблеми (емисии на супстанци во воздухот, водите и почвата), со рок и цена на чинење. Краен рок за реализација на активностите од оперативниот план беше 01.04.2014 год., кога загадувачите требаше да бидат еколошки прилагодени и да добијат А-интегрирана еколошка дозвола. За жал, Макстил и Југохром не го испочитуваа Законот и не ги отпочнаа навреме набавките на потребната опрема, па продолжија да загадуваат со несмалено темпо, не обрнувајќи внимание на поплаките на јавноста и укажувањата и казните од институциите.
ДОМ ги чекаше резултатите од последните мерења на квалитетот на воздухот, за да ги приложи како доказ, но со оглед на тоа што сеуште не се познати, за доказ ќе ги приложиме резултатите од претходните мерења за квалитетот на воздухот, каде има драматични пикови за надминување на дозволената граница.