На овие Парламентарни избори ДОМ како зелена партија направи договор со ВМРО-ДПМНЕ за реализација на еден сериозен зелен програмски пакет во следниот мандат. Со тоа настапуваме во Коалицијата за подобра Македонија.
Договорените пет програмски заложби се:
1.Носење на Закон за зеленило во првите 100 дена! Тоа ќе значи институционална заштита на зеленилото во градовите, но и поинакво урбанистичко планирање, со загарантиран процент зеленило на ниво на град и парцела!
2.Носење на Закон за квалитет на почвата во првите 100 дена!Тоа ќе значи контрола на почвите, отстранување на загадениот дел и садење на чисти почви, како гаранција за здрава храна!
3.Дефинитивен престанок на загадувањето од големите загадувачии деноноќно следење на нивната работа!
4.До крајот на првата година зајакнување на системот за мониторинг и контрола на квалитетот на воздух, вода и почва, преку доекипирање на инспекторатите за животна средина со луѓе, опрема и мерни станици, целодневно и во викенди!
5.Целосно решавање на отпадот во Македонија!Почнувајќи од современи депонии, преку ефикасен систем за собирање електронски отпад, батерии и акумулатори, со посебен акцент на опасниот отпад!
Конечно мора повеќе да се вложи во екологијата, зашто здравјето е најважно од се!
Се разбира, ДОМ ќе продолжи да работи и на останатите наши приоритети како што се социјална правда, еднакви можности за сите, посебно за маргинализираните групи, за развој на науката и културата, за натамошен пробив на обновливите енергии, енергетска ефикасност и туризмот, за борба против ГМО, за заштита на природните реткости и ред други теми од зелената агенда.
Имајќи го предвид позитивното искуство за реализација на договореното во претходниот мандат, веруваме дека така ќе биде и овојпат и дека ДОМ, низ соработка со колегите во Владата, ќе оствари уште еден многу важен сегмент од нашата Зелена програма.