На парламентарните избори ДОМ е повторно дел од Коалицијата за подобра Македонија, поради 3 добри причини:
- Веќе 8 години сме дел од коалицијата и имаме веќе традиција, стекнато пријателство и меѓусебна доверба.
- Веруваме дека токму Коалицијата за подобра Македонија е вистинскиот избор! Таа води политики во интерес на земјата. Токму оваа Влада има зад себе толку многу добри работи – и системски и инфраструктурно, што не можат да се оспорат. Никој не е совршен, има и грешки и пропусти, но има и воља тие да се надминат и поправат.
- Трета добра причина: ДОМ како зелена партија направи договор со ВМРО-ДПМНЕ за реализација на еден сериозен зелен програмски пакет во следниот мандат.
Имајќи го предвид позитивното искуство за реализација на договореното во претходниот мандат, веруваме дека така ќе биде и овојпат и дека ДОМ, низ соработка со колегите од Владата, ќе оствари уште еден многу важен сегмент од нашата Зелена програма. Дозволете ми само да ги набројам договорените и прифатени 5 програмски приоритети:
- Носење на Закон за зеленило во првите 100 дена! Тоа ќе значи институционална заштита на зеленилото во градовите, но и поинакво урбанистичко планирање, со загарантиран процент зеленило на ниво на град и парцела!
- Носење на Закон за квалитет на почвата во првите 100 дена! Тоа ќе значи контрола на почвите, отстранување на загадениот дел и садење на чисти почви, како гаранција за здрава храна!
- Дефинитивен престанок на загадувањето од големите загадувачи и деноноќно следење на нивната работа!
- До крајот на првата година зајакнување на системот за мониторинг и контрола на квалитетот на воздух, вода и почва, преку доекипирање на инспекторатите за животна средина со луѓе, опрема и мерни станици, целодневно и во викенди!
- Петти програмски приоритет: Целосно решавање на отпадот во Македонија! Почнувајќи од современи депонии, преку ефикасен систем за собирање електронски отпад, батерии и акумулатори, со посебен акцент на опасниот отпад!
Конечно мора повеќе да се вложи во екологијата, зошто здравјето е најважно од се! А и тргнавме во освојување на светот преку туризмот, а современите туристи, богами, бараат високи еколошки стандарди на кои се научени!
Се разбира, ДОМ ќе продолжи да работи и на останатите наши приоритети како што се социјална правда, еднакви можности за сите, посебно за маргинализираните групи, за развој на науката и културата, за натамошен пробив на обновливите енергии, енергетска ефикасност и туризмот, за борба со ГМО, за заштита на природните реткости и ред други работи од зелената агенда!
Во меѓувреме еколошката свест се разбуди и сега имаме многу повеќе сојузници од порано. Тоа го покажаа и ланските локални избори, каде дури 25.000 граѓани гласаа за зелената програма на ДОМ! Сето тоа не обврзува и ние со сето срце и знаење ќе се посветиме на овие теми.