Помеѓу 7. и 12. април 2013-та година во близина на Белград, Србија се одржа тренинг на млади активисти од организациите на Зелените ширум Европа. Семинарот беше во организација на НВО Svirazliciti- sviravnopravni, а со финансиска и стручна помош од Советот на Европа. На тренингот учествуваа млади луѓе од Ерменија, Азербејџан, Грузија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Молдавија, Русија, Белорусија, Украина, САД, Романија, Словачка, како и тројца претставници на МОДОМ – Ивана Блажевска, Магдалена Христова и Данаил Станојески.
Целта на тренингот беше стекнување на вештини кои учесниците подоцна ќе можат да ги искористат за да пренесат знаења околу зелената опција и човековите права во своите матични организации и земји. Покрај тоа, беа презентирани современи техники на општествен активизам со цел ширење на зелените вредности како еколошка свест, ненасилство, социјална правда, солидарност, одржливост, родова еднаквост и граѓански слободи. Се’ тоа беше постигнато преку разновидни активности, меѓу кои и низа работилници, дискусии, симулации и сесии за размена на идеи.
Акцентот беше ставен на интерактивноста, што овозможи меѓукултурна размена на искуства помеѓу членовите на најразлични младински невладини организации и подмладоци на партии кои се ангажирани околу исти прашања како и МОДОМ.
Ние учесниците увидовме дека, покрај тоа што секоја од организациите има свои специфични проблеми, сепак сите ние делиме одредени заеднички предизвици по по прашањето за ширењето на зелените и хуманистички идеи во нашите општества.
Ова беше можност МОДОМ преку вакви случувања најуспешно може да воспоставува контакти со истомисленици од Балканот и од Европа и токму поради тоа е нужно да продолжи со следење на вакви настани во иднина како учесник, но и како домаќин, затоа што ова е одлична пригода и за презентација на нашата работа и земја.