Претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска, беше гостин на трибината на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ за улогата на современата жена. Во своето обраќање рече:
“Секое време има свои борби – пред 100 години било правото на глас, па подобри работни услови, па повеќе жени во политиката и одлучувачките структури. Денес најважна битка и стремеж е постигнување баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот на жената.
Жената не смее да биде ставена во улога да избира дали да биде мајка или успешен професионалец. Таа има право и потреба да биде и семеен човек, мајка, но и успешен професионалец. Државата е таа која треба да го овозможи ова, да и помогне на жената да се избори против стереотипи и предрасуди, против дискриминација од кој било вид, за еднакви можности за сите. Државата е таа која треба да овозможи социјални услови, како двосменски градинки и училишта, еднакви плати, еднаква почит и третман и за мажите и жените.
Жената има уште една силна дарба, да има толеранција и разбирање за различните во општеството, да има сила и способност да надмине политички, етнички и верски разлики, да ја зголеми кохезијата во општеството. Тоа го направивме жените од различно потекло во 2000-та, формирајќи го Македонското женско лоби заедно, формирајќи ја критичната маса, успеавме да ги смениме приликите во Македонија. Токму ова е мојата порака во светската кампања на парламентарки за 8 март, која оди како порака од Македонија. Оваа порака е доказ дека Македонија успеала и дека ќе успее и во иднина.
Жените се тој агенс во општеството, тој петти елемент на обединувањето, кој прави Македонија да ја сакаме и чуствуваме како заеднички дом на сите. Во име на таа топлина, таа љубов, толеранција и разбирање, на тоа женско срце, Ве поздравувам и Ви го честитам 8 Март.“