Реакција на ДОМ по повод сечата на дрва во општина Чаир

Од ДОМ изразуваме жалење за сечата на дрва што се случи во општина Чаир, на улица Петар Илиќ, каде што се исечени повеќе здрави дрва.

Оваа сеча се случува во општина каде процентот на зелени површини и онака е низок и има сериозна потреба од нивно зголемување, а не намалување. Бараме од општина Чаир да не информира нас и граѓаните на Скопје што планира да прави на местото каде се исечени дрвата?

Исто така од ЈП Паркови и зеленило бараме одговор на следниве прашања. Кој ја извршил сечата? По чија иницијатива биле исечени дрвата? Дали било потребно да се исечат дрвата и кој ја направил проценката? Како ќе биде извршена супституција на исечената дрвна маса за граѓаните од овој реон и кога?

Со последниов настан, очигледно станува, дека единствено со законот за зеленило е можно институционално да се заштитат зелените површини во град Скопје. ДОМ во одлична соработка со Град Скопје го подготви законот. Законот доби позитивни мислења од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

Инсистираме предложениот нацрт текст на законот што поскоро да влезе во собраниска процедура и со поддршка од сите политички партии да се донесе во итна постапка, затоа што со него ќе се регулираат потребните услови за заштита на зеленилото во град Скопје и урбаните средини.

Со почит,

Сектор за односи со јавноста