На денешната трибина на тема „Како до зелена училница? – Помал број на ученици во паралелки, поквалитетна настава“ Комисијата за образование на ДОМ предложи измена на Законот за основно и средно образование во однос на бројот на ученици кој би требало да изнесува најмногу до 24 во една паралелка.
Имајќи ги предвид досегашните искуства на просветните работници и учениците, ДОМ како зелена партија, смета дека предложената измена ќе придонесе за поодржлив наставен процес заснован на интерактивност и креативност. Интерактивноста во помали класови ќе создаде атмосфера во која учениците ќе станат активни субјекти, ќе имаат повеќе време да учествуваат во работата со наставниците и соучениците, ќе се изразуваат како индивидуалци, што ќе ги поттикне нивните креативни и критички способности. Ова е особено важно и со оглед на вклучувањето на децата со посебни потреби во редовната настава.
Искуствата покажуваат дека во паралелки каде што бројот на ученици е поголем од 25 или 30 настануваат проблеми од типот недоволно посветување внимание за образовните и воспитни потреби на учениците, отежната интеракција и намалени можности за себеизразување, што е особено важно прашање кога се работи за млади луѓе во процес на изградба како личности. Нам ни требаат помали, но подинамични класови-заедници, кои ќе придонесат денешните млади генерации да бидат конечно соочени со волјата за напредок и подобро утре.
Во пресрет на нова национална стратегија за образование на РМ, Комисијата за образование на ДОМ најавува трибини и на други горливи теми.
Со почит,
Сектор за маркетинг и ПР