ДОМ повикува на заедничка акција против загадувањето на воздухот во Скопје – на институциите на национално и локално ниво, но и на граѓаните. Заедничката акција е неопходна, зашто загадувањето има многу лица: најголемо е од индустриските капацитети кои не работат според еколошки стандарди, но и од транспортот, градежништвото и греењето како на колективните, така и на индивидуалните објекти.
Во контекст на ова, ДОМ ја поздравува одлуката на градот Скопје за „Мерки од прв степен поради загаденоста на воздухот во Скопје“, во кои се опфатени практично сите наши досегашни барања, како и заклучоците од одржаната трибина на ДОМ од 13.12.2013 год. со наслов „Тивките загадувачи најгласно загадуваат“, со активно учество на претставници од градот Скопје, од Министерството за животна средина и невладини организации.
Во донесените заклучоци од трибината се бара следново: повеќе инспектори, подобро опремени со возила и друга опрема; подобра координација на општинските, градски и државни инспектори, ставање во мрежа на инспекторите и подреденост под државен инспекторат; контрола на мали и средни индустриски капацитети кои се во локална надлежност; подобро искористување на приватни автомобили – повеќе луѓе во еден автомобил за централно градско подрачје до 18.00 часот или воведување на пар – непар; стимулирање за поголемо искористување на јавниот превоз; засилен инспекциски надзор за типот на суровини кои ги користат индивидуалните домаќинства и помали и средни приватни субјекти; подигање на општествена одговорност на граѓаните за тивките загадувачи; озеленување на градот Скопје; да се обрне внимание на урбанистичкото планирање во градот Скопје; да се доврши процесот на еколошкото прилагодување на големите загадувачи и да се забрани да се користат како горива лакирани предмети, делови од стар мебел, пластични маси, стиропор, стари гуми и др.
ДОМ го акцентира и проблемот со т.н.-те „неидентификувани“ извори на загадување во Аеродром, Гази Баба и Бутел, чии жители во континуитет чуствуваат неподнослива смрдеа, главоболки, печење на очите, вртоглавици и сл. Граѓаните од овие општини се организирани преку социјалните мрежи, како што е познато и бараат решение на проблемот низ институциите. Сигурни сме дека загадувачите од Аеродром лесно ќе се најдат ако се тргне во интензивни контроли по списокот на загадувачи – и оние со А интегрирани дозволи што се под Министерство, но и на оние со Б интегрирани дозволи што се под локалната власт.
Истовремено, ДОМ им сугерира на локалните власти, во пресрет на претстојните новогодишни и божиќни празници да избегнат употреба на пиро-технички средства, поради нивната енормна токсичност, кога во воздухот се испуштаат тешки метали: жива, бариум, бакар, олово, хром, кадмиум и нивни соединенија.
ДОМ сака во оваа прилика да проблематизира уште едно прашање – точноста на резултатите од мерењата на загадувањето, добиени од некои приватни акредитирани лаборатории. Секоја чест на професионалните фирми, најголем дел се такви, но имаме сознанија дека не се сите такви. Затоа од поодамна бараме контролни резултати од државна лабораторија и предлагаме доопремување и акредитација на лабораторијата при Министерството за животна средина.
ДОМ оди и чекор понатаму – бараме формирање Државна хемиска лабораторија, како институција што ќе ги обедини сите државни лаборатории од различни области, по примерот на некои земји. Суштински чекор за мониторинг на сите параметри на загадувањето е постоење на соодветна хемиска лабораторија.
Со постоење на ваква Државна хемиска лабораторија, Република Македонија ќе добие една интегрална сериозна институција за хемиски анализи за потребите на сите владини институции (министерства, Царинска управа, Пазарна инспекција, Хидрометереолошки завод и др.)
Со ваква лабораторија, исто така:
– Ќе се рационализира користењето на опремата и кадрите;
– Ќе се координира мониторингот и ќе се избегне дуплирањето на дејности;
– Ќе се олесни акредитацијата на лабораторијата (ќе се акредитира една лабораторија по принципот на техники);
Вака се работи во Франција, Италија, Ирска, Грција, Кипар и други земји, каде постојат единствени Државни хемиски лаборатории, а не поединечни мали лаборатории за секое министерство или агенција како кај нас.
Пресот го одржаа: Лилјана Поповска, проф. Др. Богдан Богданов и Златко Јордановски.
Скопје, 15.12.2013 год.
Со почит, ДОМ – Сектор за односи со јавност