Посилен глас за политичките подмладоци!

Младинската организација на Демократска обнова на Македонија (МОДОМ) денес организираше трибина на тема „Посилен глас за политичките подмладоци!“. Гости на трибината беа членовите на извршниот одбор на Мрежата за развој и соработка на Источна Европа (ЦДНЕЕ), мрежа на организации на младите Зелени. На трибината претставуваа преставници на УМС ВМРО ДПМНЕ и НСДМ, Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид,Националниот младински совет (НМС), НВО-и и Агенцијата за млади и спорт.

Блаже Јосифовски, потпретседател на МОДОМ, истакна дека поради постoечката законска регулатива, МОДОМ, но и останатите политички подмладоци се соочуваат со предизвици во функционирањето на домашен и меѓународен план. Потребно е дефинирање на статусот на политичките подмладоци, новно правно признавање, функционирање со сметка, печат и сите останати елементи кои би допринеле за посилен глас.

Тео Комет, координаторот на ЦДН ја престави историјата на Зелената партија во Финска, притоа ставајќи посебен акцент на  улогата која ја има политичкиот подмладок. Според него младите  имаат многу големо влијание во сите структури на партијата, имат загарантирано 5 места во највисоките органи и издаваат свое списание преку кое ги пренесуваат своите заложби. Тој како координатор на ЦДН и активист во Федерацијата на младите европски Зелени истакна дека МОДОМ е многу активна членка и допринесува за развојот на овие структури.

Но во однос на независноста на политичките подмладоци, тој сликовито објасни дека во цела Европа треба од детската маса, младите политичари, да се префрлат на големата маса, на која се носат одлуките. Младите не се само декор и треба да бидат консултирани при донесувањето на секоја одлука и да го преставуваат гласот на младите луѓе. За постигање на овие цели, според него,  потребна ни е експертиза, искуство и стратегија, контакт со невладини организации, медиуми, студентски организации и секако регрутирање на нови членови.

Ирина Оксениук од Украинските млади зелени истакна дека во нејзината земја има голем број на организации кои ги поддржуваат младите во нивните политички заложби и имаат правен легитимитет. Според нејзиното искуство од работата во повеќе младински организации младите луѓе треба да ја превземат улогата на одлучувачи за својата иднина.

Преставникот од Институтот Охрид, Ружица Стојановска, го пренесе искуството од соработката со политичките подмладоци. Според неа политичките подмладоци  се претопени во сениорските организации на партиите и има несоодветна перцепција за нив дека се само лица за логистичка поддршка. Од многу бројните средби останува впечатокот дека и младите политичари работат еднакво добро како и сениорите, имаат свои активности, но треба да се изборат за поголема независност, за својата легитимност, проекти и при тоа многу е важно да ја имаат поддршката на сениорите. На крајот таа истакна дека тоа не би довело до креирање контра политики, туку до поквалитетни и поодржливи политики.

Зорица Стаменковска од Агенцијата за спорт и млади потенцираше дека Македонија е земја во која има голем број млади членови во политичките партии, но исто така голем број на млади луѓе кои не излегуваат на избори. Таа повика младите луѓе од партиите да запрат со поделбите и потстети дека сепак ние имаме исти цели за кои треба посилно да се заложиме, бидејќи токму ние сме носители на промените.

По дискусисијата во која најмногу време се посвети на статусот, легитимноста и влијанието  на политичките подмладоци беа донесени следниве заклучоци:

1.Во иднина ние како членови на политичките подмладоци треба да се заложиме и во нашите политички партии и во пошироката јавност да се слушне нашиот глас и преку нашите заложби да ги разбиеме предрасудите и стереотипите со кои се соочуваме;

2.Политичките подмладоци, а не невладиниот сектор да бидат најгласните борци за правата на младите и развојот на младинските политики и стратегии;

3.Предлагаме одредени буџетски средства наменети за политичките партии да се пренаменат за подмладоците на политичките партии;

4.Бараме политичките подмладоци да имаат точнен број на загарантирани места во одлучувачките органи на партиите;

5.Со оваа дебата МОДОМ покренува иницијатива и за регулирање на статусот на политичките подмладоци  (како НВО/политички институт со своја сметка/подсметка, потпис и печат) и го нуди предлогот на понатамошна дискусија и истовремено и самите стартуваме со  кампања во јавноста

6.МОДОМ предлага во иднина политичките подмадоци да имаат редовни координации меѓу себе, но и да ја зајакнат соработката со граѓанскиот сектор.