Молчењето не е злато

На трибината што ДОМ денеска ја одржа по повод Меѓународните денови за борба против семејното насилство врз децата, а под наслов „Молчењето НЕ е злато“, беше речено дека време е гласно да се проговори на оваа тема, пред се во интерес на заштитата на децата, жртви на семејното насилство. Лилјана Поповска, претседател на ДОМ и координатор на Комисијата за еднакви можности во Собранието на РМ, истакна дека во овој период се размислува за измени на законската регулатива и дека е вистински момент да се сугерираат законски измени и дополнувања за поефикасно справување со насилството во семејтвото, особено кога негови жртви се децата.

На трибината се донесени повеќе заклучоци за кои ДОМ ќе се залага да се имплементираат во новата законска регулатива: измена на законската регулатива за посебна заштита на децата жртви на семејното насилство (итно постапување на институциите и организациите, во рок од 24 часа по пријава на насилство врз дете; задолжително пријавување на случај на семејно насилство од страна на струцните лица; отворање кризни центри за интервентно згрижување на децата жртви; формирање на постојани мултисекторски тимови на локално ниво, обучени за работа со деца жртви на семејното насилство; задолжително упатување на родителот/родителите чии деца се жртви на семејно насилство во Советувалиште за родители и деца; отстранување на насилникот, а не на жртвите од семејниот дом; построги казни за сторителите на семејното насилство; воведување законска обврска за отворање на семејно советувалишта на локално ниво; воведување на законска обврска за водење на унифицирана евиденција на деца жртви на семејното насилство на национално ниво), обука за работа со деца жртви на сите професионални лица вклучени во системот на заштита на овие деца, внесување на содржини во наставната програма на сите образовни нивоа (основно, средно, високо) за поимот на семејното насилство, знаците на распозанавање, последиците и мерките на заштита, внесување на содржини во наставните програми кои се однесуваат на стекнување на вештини на ненасилна комуникација и ненасилно однесување, континуирано подигнување на јавната свест за постоење на семејното насилство врз децата, за постоење на меѓугенерациски пренос на семејното насилство, за потребата од одговорно родителство, разбирање на детските потреби и почитување на личноста на детето.

На трибината свои стручни искуства и сугестии дадоа проф. д-р Марија Ралева, психијатар, Вера Цуракова, психолог и Вера Николиќ, социјален работник во Центарот за социјални работи.