ДОМ бара итни мерки за загадувањето во Скопје

Од ДОМ изразуваме голема загриженост поради загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје. Високата концентрација штетни супстанци (сулфурни и азотни оксиди, јаглерод моноксид, озон, олово, бензен), како и  суспендирани честички (ПМ10 и ПМ 2,5) во одредени делови од градот достигнаа и до 14 пати повисоки вредности од дозволените. Причинители на ова се и правни и физички лица, што доведе до загрозување на човековото здравје и медицински интервенции.

Човековиот организам може да издржи без храна околу 30 дена, без вода околу 3 дена, но без воздух – само 5 минути. Ќе ги чекаме ли последните 5 минути за да најдеме решение? ДОМ не прифаќа очајничко чекање, туку бара итни мерки за намалување на посточекото загадување, спроведени од институциите, правните лица и граѓаните.

Како краткорочни (итни) мерки ДОМ предлага: Воведување пар-непар за патничките возила во градот СкопјеРестриктивно движење на возила кои не ги исполнуваат Еуро стандардите за квалитет на дизел или бензин горивата низ градот (практично, формирање т.н. зелена зона во центаротна градот), Kористење на заобиколницата за тешките товарни возила, Намалување на цената на билетот на јавниот превоз и зголемена фрекфенција на автобуси на ЈСП – како поттик за  помасовно користење, Формирање дежурни екипи од инспектори за животна средина на национално и локално ниво кои континуирано ќе вршат контрола на правните и физичките лица кои го загадуваат воздухот – значи и попладне и во викенди, Казнени мерки против оние субјекти кои за добивање топлина користат прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, гума и синтетички материјал, Прилагодување на динамиката на градежните зафати кон временските прилики – заради намалување на прашината во воздухот, Доследно применување на Правилникот за методологијата за мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух – изјави Маја Морачанин, женски портпарол на ДОМ .

Тони Ристов, машкиот портпарол изјави – Како среднорочни мерки (упатени до сите надлежни институции) предлага : Град Скопје да донесе Програма за намалување на загадувањето на воздухот и унапредување на квалитетот на амбиенталниот воздух, Редовна контрола и одржување на оџаците и други гасо-одводни канали, заради намалување на загадувањето на воздухот и поголема енергетска ефикасност, преку намалено трошење на гориво и негова поголема искористеност, Градот Скопје и општините итно да ги реализираат Акционите планови заенергетска ефикасност, Создавање поголем број пешачки зони, особено на местата кои претставуваат тесни сообраќајни грла во централното градско подрачје, Урбанистичко планирање што води сметка за розата на ветрови и проточноста на воздухот, Зголемување на зелените површини во градот, Изградба на брзи сообраќајници, со кои ќе се олесни протокот, како што се одамна предвидените булевари Крушевска Република, Никола Карев, подземните сообраќајници во централното градско подрачје и нивно спојување со веќе постоечките Партизански одреди, Александар Македонски и другите, Изградба на трамвајски или тролејбуски линии како еколошки одржлив јавен транспорт.

ДОМ продолжува со кампањата против загадувањето, овојпат со трибина за т.н. невидливи загадувачи – тоа се мали и средни индустриски капацитети, погони и разни инсталации кои се под надлежност на локалната самоуправа за добивање Б-интегрирани еколошки дозволи. Трибината ќе се одржи на 13 декември, петок, со почеток во 11.55 во Холидеј Ин.