Во пресрет на новогодишните и божиќните празници ДОМ бара да се забрани употребата на пиротехнички средства кои се дел од новогодишната празнична прослава особени на јавните места, бидејќи со нив се врши дополнително енормно загадување на воздухот со чад и прашина кои го загрозуваат здравјето на граѓаните како и непотребни издатоци на големи финансиски средства за тоа.
Досегашните искуства со прославите покажаа дека во атмосферата (а од таму, и назад, кон нас) се испуштат неколку тони на високотоксични супстанци, кои во комбинација со секојдневните загадувачи уште повеќе придонесуваат за зголемување на бројот на тешки респираторни, алергиски и канцерогени заболувања кај популацијата без разлика на возраста.
Кај огнометите, меѓу другото, заради детонирање на пиротехничкиот материјал се создава и диоксин – особено токсична супстанца, која предизвикува пигментација на кожата, заболувања на црниот дроб, оштетувања (кои може да бидат и тешки) на централниот нервен систем, и неколку типови на неоплазми.
Бариумот е отровна супстанца која како производствена компонента на пиротехничките материјали внесена во организмот може да предизвика сериозни импликации; арсенот, милениумски познат токсин, после огнометските спектакли го има 2-3 пати повеќе во воздухот; додека пак живата, кадмиумот, оловото, бакарот, хромот… за 4-5 пати повеќе.
ДОМ како зелена партија особено обрнува внимание на фактот дека покрај живата особено негативно влијание врз севкупното здравје на населението има оловото кое познато и како хуман канцероген како и кадмиумот кој интензивно ги напаѓа и деградира: кардио-васкуларниот систем, уринарниот систем а особено бубрезите, белите дробови, скелетот, а е одговорен и за сe позачестената појава на рак на простата.
Заради се ова, ДОМ бара од надлежните органи да се препорача забрана за употребата на пиротехничките средства во овој момент со цел да се даде придонес во подобрување на и онака лошата состојба со аерозагадувањето во градовите и особени во градот Скопје кадешто жестината и времетраењето (а со тоа и емисијата на токсични материи во воздухот) на новогодишните огномети е најголема, а после новогодишните празници веднаш а се пристапи кон промена на законски акти.
Пресот го водеше Златко Јордановски