Загрижени од алармантно високиот степен на загадување на воздухот во Скопје и опасноста по здравјето на граѓаните, oсобено поради високата концентрација на суспендираните ПМ 10 честички во воздухот кои потекнуваат од различни извори, а најмногу од емисиите во воздухот од индустриските капацитети,издувните гасови од возилата, електраните,затоплувањето на домаќинствата, согорувањето на отпад, ДОМ ги предлага следните интервентни мерки :
- Рестриктивно движење на возила кои не ги исполнуваат минималните Еуро стандарди за квалитет на дизел или бензин горивата низ централното градско подрачје, посебно во зоната на Малиот Ринг. Оваа мерка ДОМ ја предлага од 2012 година, врз основа на размена на искуства со германските Зелени. На овој начин загаденоста на воздухот во Берлин се намалила дури за 30% во рок од три години.
- Иако оваа мерка е непопуларна за граѓаните, цениме дека во овој момент е нужно воведување на т.н. пар/непар режим на сообраќај.
- Формирање дежурни екипи од инспектори за животна средина на национално и локално ниво кои континуирано ќе вршат контрола на правните и физичките лица кои го загадуваат воздухот. Посебно треба да се обрне внимание на познатите загадувачи, и да не се забораваат помалите индустриски капацитети, кои своите Б интегрирани еколошки дозволи ги добиваат од општините, а во нив често пати се случува согорувaње на неквалитетни горива, како отпадни масла, гуми, синтетички материјали и сл.
На крај, апелираме до граѓaните, секој од нас да помогне за намалување на загадувањето на воздухот, со користење на јавниот превоз, групирање на повеќе луѓе во еден автомобил и употреба на чисто гориво за затоплување на домаќинствата.
Пресот го одржа портпаролот на ДОМ Маја Морачанин