Во склад со хуманите политики на зелената опција, a по угледот на многу земји, вклучително и на повеќето балкански земји, ДОМ покренува иницијатива за изготвување на Програма за помош на стари и немоќни лицаво нивните домови.
Корисници на оваа Програма би биле: лица постари од 70 години, но и помлади доколку се со тешко нарушено здравје, хроничните болни, тешко подвижни или неподвижни лица;- постари лица кои живеат сами без помошта на помлади членови на семејството (старечки домаќинства);- лица со низок социо-економски статус кои не можат да си обезбедат платена помош.
Оваа помош би се давала во однос на секојдневните домашни обврски, што подразбира грижа за личната хигиена и хигиената на просторот во којшто живеат, за нивната облека и обувки, за набавката на потребните продукти, плаќање на сметките и други работи кои корисниците не можат да ги извршуваат без туѓа помош. Помошта би опфаќала и придружба на ваквите лица до здравствените домови на редовни прегледи, или до други институции кадешто имаат потреба. За лицата во поодминати години кои се доволно витални или ја имаат потребната помош околу домаќинството, но се осамени и им недостасуваат човечки контакти, друштво за разговор, одење на претстави, концерти или други културни настани, ќе се нуди помош од лица стручни за давање социо- психолошка поддршка. Кадрите кои ќе ја даваат оваа помош ќе бидат профилирани согласно различните потреби на корисниците.
Во врска со донесувањето, финансирањето и надзорот на спроведувањето на оваа Програма, како и ангажирањето на лицата кои што ќе ги даваат овие услуги сметаме дека надлежниот орган би било Министерството за труд и социјална политика. Со цел да се определи бројот на лицата или домаќинствата со потреба за ваква помош, најдобро е општините да ги направат неопходните анализи на својата територија. На овој начин, ќе се формираат мали општински центри кои ќе ги намируваат овие потреби. Распределувањето на ваквите сервиси по општини овозможува фамилијаризација на геранто-домаќинките( геронтологијата се занимава со психолошките, биолошките и социолошките аспекти на стареењето за разлика од геријатријата која ги третира медицинските проблеми на староста) со корисниците што е одлично решение од психолошки аспект. Во врска со овие домаќинки или домаќини, треба да се спомене дека истите треба бидат лица со соодветни способности, искуство односно квалификации, зависно од типот на услугата за која ќе бидат ангажирани и ќе бидат соодветно проверени и лиценцирани.
На крајот, убаво е да потсетиме дека оваа програма освен што ќе донесе погодности за една навистина ранлива категорија граѓани, ќе отвори и нови работни места што е поволно за општеството во целина.