ДОМ: Само сериозен притисок врз Грција може да го реши спорот за името

Во пресрет на новата рунда разговори околу името во Њујорк, ДОМ чуствува потреба да ја искаже длабоката загриженост поради ќорсокакот во кој е доведена Македонија, без своја вина. И во најновиот позитивен Извештај од Европската Комисија, покрај препораките да се започнат преговори веднаш, стои инсистирање Македонија да најде решение за спорот со својот јужен сосед.

Но останува нејасно, како може Македонија да најде решение за спорот, кога по 20 години  максимална конструктивност, отвореност и пријателство, од другата страна наидува само на  политички и економски блокади, засновани на барањето erga omnes!?  Тоа е невозможен и апсурден услов кој ниедна земја и ниеден народ не може да го прифати!

Како може Македонија да најде решение, кога другата страна ги одбива сите покани за средби од највисоки државни функционери, кога одбива стандардна пријателска соработка на парламентарно ниво, кога премиерот на таа држава решението на спорот го бара во распадот на нашата земја!?

Се разбира, Македонија нема да се распадне, таа покажа зрелост и стабилност во овие 2 децении самостојност: од косовската криза 1999, преку конфликтот 2001, атентатот на Претседателот Глигоров,  смртта на Претседателот Трајковски, се до последните финансиски кризи 2009 и 2011. Докажа дека има доволно силна внатрешна кохезија и капацитет да се избори со предизвиците и да ги надмине внатрешните проблеми со поука и позитивни реформи.

Но Македонија и нејзините граѓани неправедно се измачуваат сиве овие години, принудени да се борат како Давид со Голијат.  Ни се троши силата непотребно, наместо да ја насочиме во економски и демократски развој.

Поради сево ова излегуваат непродуктивни сите напори на пријатели од меѓународната заедница за притисок врз Македонија. Проблемот лежи на другата страна, што јасно го покажа и одлуката на меѓународниот суд во Хаг. Тоа е како чукање на отворена врата. Македонија има силен и недвосмислен интерес за излез од спорот, кој држи во заложништво 2 милиони македонски граѓани, за разлика од Грција, која тоа не го сака.

Затоа, земајќи ги предвид сите околности, ДОМ смета  дека овој апсурден спор може да се реши само со сериозен притисок врз Грција, во насока на почитување на меѓународното право, стандарди и принципи. А Македонија својот удел во решението го одработува принципиелно досега, а ќе го одработи и во иднина.