Младинската организација на Демократската обнова на Македонија (МОДОМ) се вклучи во националната акција „Македонија без отпад 2013“ со акција за собирање електронски отпад.ДОМ и Асоцијацијата Ајде Македонија беа иницијатори на акцијата „Македонија без отпад“, која е поддржана од Владата на Република Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање и ја организираат по втор пат оваа година.
Ова значи примена на Законот за управување со електричен и електронски отпад (е-отпад)кој стапи на сила на 1-ви јануари 2013 година и воедно е поттик за општините да ги исполнат своите одговорности според Законот.
МОДОМ склучи договор со лиценциран колективен постапувач за соодветно собирање на е-отпадот кој обезбеди собирен пункт (контејнер).
Целта на акцијата на МОДОМ е да се развие свеста кај населението и да се отстрани што поголемо количество на секаков, па и е-отпад. Акцијата беше проследена со голем интерес од граѓаните, општините, институциите и сите други засегнати лица, кои изразија подготвеност да се вклучат и да придонесат за почиста и поздрава животна средина. Граѓаните денес и вчера донесоа дел од неупотребливите компјутери, тастатури, принтери, фотокопири, фен којлери, акумулатори и батерии кои ги чуваа во нивните домови, училишта, канцеларии, но бараа и совети каде и како да се ослободат од овој вид на отпад. Токму затоа ние ќе продолжиме и во иднина со вакви акции.
Поддршка на акцијата на МОДОМ за помалку е-отпад дадоа советниците од ДОМ, Денко Скаловски и Роберт Наумовски, повеќе НВО-и, како и општините Кисела Вода и Гевгелија.