МOДОМ во акција за собирање електронски отпад

ДОМ и Асоцијацијата Ајде Македонија беа иницијатори на акцијата „Македонија без отпад“, која е поддржана од Владата на Република Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање, кои ја организираат оваа акција по втор пат оваа година.

Младинската организација на Демократската обнова на Македонија (МОДОМ) се приклучува со акција за собирање електронски отпад. Ова ќе значи примена на  Законот за управување со електричен и електронски отпад (е-отпад)стапен на сила на 1-ви јануари 2013 година и воедно ќе даде поттик на општините да ги исполнат своите одговорности според Законот. За таа цел, МОДОМ склучи договор со лиценциран колективен постапувач за соодветно собирање на е-отпадот кој може да обезбеди собирен пункт (контејнер).

МОДОМ како дел од големата акција „Македонија без отпад 2013“ на 5-ти Октомври (сабота) ќе постави пункт за собирање на е-отпад во центарот на Скопје, од 10:00 до 14:00 часот. Контејнерот ќе биде поставен пред Централната канцеларија на ДОМ, на ул.„Никола Вапцаров“ бр.18, каде има и пристап за автомобили. Покрај тоа, пунктови за собирање на е-отпад ќе се постават и во повеќе градови низ Македонија, и тоа: Крива Паланка, Делчево, Тетово, Битола, Куманово и Кочани.

Поддршка на акцијата на МОДОМ за помалку е-отпад и дадоа советниците од ДОМ, Денко Скаловски и Роберт Наумовски, повеќе НВО-и, како и општините Кисела Вода и Гевгелија, кои изразија спремност активно да се вклучат.

Ве охрабруваме да ја искористите оваа можност да се ослободите од е-отпадот  кој се наоѓа во вашите домови и е-отпадот во училиштата кои се полни со стари и неупотребливи компјутери, тастатури, принтери, фотокопири, фен којлери, акумулатори, батериии мобилни .

Целта на акцијата е да се развие свеста кај населението, да се отстрани што поголемо количество на отпад, па затоа искрено се надеваме дека граѓаните, општините, институциите и сите останати засегнати лица ќе се приклучат на оваа иницијатива за помалку отпад и ќе придонесат за почиста и поздрава животна средина.