Им дадовме црвен картон на генетски модифицираните организми и на било какви идеи за нивно навлегување во Македонија! Токму тоа го баравме со јавниот повик за сторнирање на Правилникот за сточна храна и ревидирање на Законот за ГМО сега, кога Македонија е сеуште чиста од ГМО.
ДОМ е многу задоволен од заклучокот на Владата да се пристапи кон измени и дополнување на правната рамка, со цел децидно да се спречи увоз на ГМО. Уште еднаш се потврди дека вреди отворената дебата со добра намера, особено за нова и недоволно позната тема, за која и во светот се бијат битки ЗА и ПРОТИВ.
Македонија целата да биде ГМО-слободна зона и да го стимулира органското производство и еко-туризмот – побара ДОМ на вчерашната конференција за заштита од ГМО. За таа цел предлага ЗЕЛС да го продолжи процесот каде општините преку своите локални совети ќе прифатат Декларации за ГМО-слободни зони, како што тоа веќе го сториле 6 македонски општини (Велес, Охрид, Чашка, Могила, Василево и Валандово), но ни самите не го искористиле како придобивка. На ваков начин се заштитени од присуство на ГМО цела Грција, Австрија, скоро цела Италија и делови од Унгарија, Германија, Франција и многу други земји.