ДОМ е задоволен од одлучното НЕ за големите загадувачи

ДОМ како коалиционен партнер во Владата кој е посветен на заштита на животната средина е многу задоволен од одлуката на Владата да им каже одлучно НЕ на големите загадувачи кои бараа одложување на рокот за еколошко прилагодување за 5 години.

ДОМ подолго време води принципиелна кампања за строго почитување и примена на законот за животна средина, заедно со граѓаните и невладините организации.  И овој пат се покажа дека принципиелните битки даваат резултат и се постигнува општограѓански консензус во интерес на здравјето на граѓаните и животната средина како што беше пример со Топилницата во Велес и Железарата во Неготино.

ДОМ е  задоволен од одлуката на Владата за одбивање на барањата кои во последно време беа многу интензивни, од страна на големите комбинати кои вршат загадувања на животната средина со цел одложување на претходно зацртаните рокови за дополнителни 5 години, односно до 2019 година.

Тоа е логичен одговор за компаниите кои имаат позитивни биланси не сакаат да вложат ни 1% од годишниот профит за заштита на вработените, на луѓето и на околината. Инаку станува збор за најголеми нето извозници и тоа нас особено не радува, заради фактот што имаат голем број на вработени и големо позитивно влијание на буџетот и  вкупниот извоз на земјата, но се е бесцелно ако се прават профити на сметка на здравјето на луѓето.

Потврда за тоа се и енормно зголемениот број на канцерогени неоплазми и алергии во последниве 10-тина години.

Компаниите мора да бидат општествено одговорни и да ги почитуваат роковите и законите за заштита на животната средина.

Во контекст на тоа ДОМ бара да се продолжи со имплементација на постапките за добивање на еколошки интегрирани дозволи кои требаше до сега да бидат применети и фирмите да бидат готови или во најмала рака пред реализација на истите.

Исто така, предлагаме, доколку некои од фирмите не се во состојба заради финасиски причини (во што се сомневаме) да ја започнат постапката, Владата да им излезе во пресрет со поволни т.н. „меки“ кредити кои ќе може да ги враќаат под поволни услови и минимални камати, при што потсетуваме дека на Македонија сеуште и стојат на располагање неискористени средства од европски фондови, специјално наменети за јакнење на институционалните капацитети во животната средина.

Особено инсистираме да се зголеми бројот на инспекциски надзори кај фирмите кои започнале со примена на мерките за еколошко прилагодување и како и многупати порано повторно инсистираме да се доопремат инспекторатите со  стручен кадар и опрема, да се изврши реорганизација и воведување двосменско работење со задолжителни дежурства за време на празниците.

Заради сето ова, ДОМ организира конференција на тема „Скопје не сака токсичен чадор“ која ќе се одржи во вторник, на 17. 09. во х. Холидеј Ин во Скопје со почеток во 11 часот, на која ќе треба да се договориме заедно со засегнатите страни како да се дејствува понатаму за да се сведе загадувањето на минимум определен со законот за заштита на животната средина.

На крај, по којзнае кој пат потсетуваме дека ДОМ ќе остане дежурна екопатрола која ќе го го следи загадувањето и за истото навремено ќе сигнализира.

Пресот го одржа проф. Златко Јордановски,  дипл. хемиски инжинер од Комисијата за екологија на ДОМ.

Со почит,

Сектор за односи со јавност на ДОМ