Во жешките августовски денови Скопјани се сведоци на испуштање облаци чад од Железара што е особено изразено во раните утрински и доцните вечерни часови, како и за време на викендот, кога експлозии од прав и гасови ги покриваат населбите: Железара, Ченто, Автокоманда, Бутел 1 и 2.
ДОМ инсистира да престане индустриското загадување во Скопје, кое ги погодува сите жители на градот, а не само оние кои живеат во непосредна близина на Железара.
ДОМ инсистира и на редовна контрола на депонијата „Вардариште“ која официјално е вон употреба, од каде се шири неподнослива миризба на запалени гуми и пластики во Маџари, Аеродром и Лисиче.
Ги имаме сите потребни закони и бараме да се почитуваат еколошките стандарди пропишани во нив. ДОМ апелира и на свеста и совеста кај одговорните во прозваните фирми, бидејќи со вакво антиеколошко работење ги трујат своите сограѓани, пријатели, соседи, но и своите деца и внуци.
ДОМ бара да се спроведе Законот за животна средина според кој сите фирми треба до април 2014 да се прилагодат на европските еколошки стандарди. Се противиме на барањата на металуршките комбинати за одложување на роковите за уште 5 години, зашто загадувачките материи кои неконтролирано се испуштаат во околината ја уништуваат и животната средина и здравјето на луѓето што е евидентно од енормниот пораст на малигните и други видови тешки заболувања. Неприфатлив е ставот на овие загадувачи упорно да одбиваат да одвојат 1% од својот годишен профит за здравјето на вработените и околното население, со што трајно би ги решиле проблемите со загадувањето.
Инсистираме, како и многупати порано, да се доопремат инспекторатите со стручен кадар и опрема, да се изврши реорганизација и воведување двосменско работење со задолжителни дежурства за време на празниците. Понатаму, бараме да се доопреми лабораторијата во Министерството за животна средина и да се зголеми бројот на мерни станици за следење на квалитетот на воздухот, водата и почвата, како и бројот на задолжени лица за постапување во опасни ситуации.
ДОМ потсетува дека на Македонија сеуште и стојат на располагање неискористени средства од европски фондови, специјално наменети за јакнење на институционалните капацитети во животната средина.
Пресот го одржа проф. Златко Јордановски, дипл. хемиски инжинер од Комисијата за екологија на ДОМ.
Со почит,
Сектор за односи со јавноста