ДОМ го поздравува носењето на Правилниците за енергетска ефикасност на зградите и за енергетска контрола. Ова е дел од програмските приоритети на ДОМ, договорен коалиционо пред парламентарните избори 2011.
ДОМ тврди дека помали сметки за струја се можни, преку енергетски ефикасни објекти, примена на обновливи енергии и штедење на енергија, што се заедно значи комплетна промена не само на законската регулатива, туку и на навиките на граѓаните.
Убедени сме дека енергетската ефикасност е еден од врвните приоритети на Македонија за постигнување енергетска стабилност и безбедност. Со нејзина примена во градежништвото, контролата и енергетските пасоши на објектите, сопствениците на станови ќе плаќаат помали сметки за струја и над 50%, ќе се намали увозот на електрична енергија (последниве години е близу 60 мил евра годишно), ќе има значителна заштеда во Буџетот, ќе се отворат нови зелени работни места (многу повеќе од предвидените 10.000), но и значително ќе се намали загадувањето на животната средина, особено во урбаните средини– изјави на прес конференцијата женскиот портпарол на ДОМ, Маја Морачанин.
Од ДОМ ги охрабруваме институциите да продолжат со мерките насочени кон развој на зелената економија и сугерираме уште порешителни активности во таа насока – рече машкиот портпарол на ДОМ Тони Ристов, кој ги изнесе и предлозите:
– Општините да покажат лидерство во примената на современите технологии и да изготват Програми за субвенционирање на обновата на јавните и приватните објекти, како и за поставување сончеви колектори и други инсталации за обновлива енергија. Со ова ќе се заштеди енергија и ќе се намалат сметките за струја од 50 до 80%;
– Воведување програма во насоченото образование за остручување на градежни работници за енергетска ефикасност и инсталација на системи за употреба на обновливи извори на енергија;
– Поенергични стимулации за изградба на нови енергетски капацитети на обновливи извори на енергија – мали, средни, големи; што ќе се овозможи подобра енергетска снабденост и отварање на зелени работни места;
– Мерки за нови илјадници зелени вработувања во областа на органското земјоделство и еко-туризмот, што ќе виде олеснето преку Законот за зелени индустриски зони, кој е во собраниска процедура.
Зелената економија е еден од главните двигатели на економскиот развој во светот. Македонија со своите ресурси и капацитети е принудена да и даде значајна улога во сопствениот развој за поттикнување на националната економија и постигнување на економски одржливо општество.
Со почит,
Сектор за односи со јавност на ДОМ