ДОМ е за промени на Изборниот законик во делот на медиумското следење

ДОМ на овие локални избори беше трета политичка партија по бројот на кандидати – 777, но и тоа не беше доволно за подобро претставување и на кандидатите и на политичката програма.

Претставниците на ДОМ, Денко Скаловски – потпретседател, Маја Морачанин – женски портпарол и Тони Ристов – машки портпарол, на 18 јули 2013 по покана на Центарот за развој на медиуми присуствуваа на состанок со повеќе политички партии од Македонија, на кој се разговараше за потребните законски измени во Изборниот законик во делот на медиумското следење на изборните процеси.

На состанокот претставниците на политичките партии ги изнесоа своите ставови, мислења и предлози околу потребните измени во Изборниот законик. Неподелено беше мислењето на сите претставници, дека неопходни се промени и дополни кои уште подобро ќе го регулираат: медиумското претставување во изборниот процес, еднаквото претставување на сите учесници во изборниот процес, законска рамка која ќе се однесува подеднакво на сите медиуми (телевизии, радија, печатени изданија, интернет портали), како и мониторинг во овој сегмент.

Машкиот портпарол на ДОМ Тони Ристов во своето обраќање пред присутните на состанокот изјави: На неодамна одржаните локални избори евидентна беше недореченоста во Изборниот закон. ДОМ на овие локални избори беше трета политичка партија по бројот на кандидати – 777, но и тоа не беше доволно за подобро претставување и на кандидатите и на политичката програма. Недостатокот од  јасни правила, како и нејасноста кој ја сноси одговорноста и правото на реакција за непочитување на еднаквото претставување на учесниците во изборниот процес, го натераа ДОМ да испрати писмо до Советот за радиодифузија (СРД) и јавно да упати критика кон медиумите за нивната работа. Дури по нашата реакција, делумно се смени односот на медиумите кон политичкото претставување на кандидатите на ДОМ. Она што исто така беше забележливо е и поделеноста на медиумскиот простор по етничка основа. Македонија е мултукултурна и унитарна држава и по редот на нештата сите граѓани на Македонија имаат право на информирање за активностите на сите политички субјекти и обратно сите политички субјекти имаат право да им се обратат на сите граѓани на Македонија и да побараат нивна поддршка без разлика на нивната етничка припадност. Не треба да заборавиме дека сите медиуми имаат голема општествена одговорност во процесот на демократизација на земјата.