Согледувајќи ги информациите за потрошените финансии околу тековните кампањи на другите политички субјекти општинската организација на ДОМ и Советничката листа под број 80 упатија повик да се прескокнат барем три – четири часа од помпезноста во рекламирањето или да се откаже еден автобус за превоз на членство за митинг од еден во друг град или да се намали обемот на поставената бина за оддржан митинг, или да се прескокне печатењето на стотина маици или запалки, a финансиите предложија да се употребат за изградба на рампа за пристапност на лица со посебни потреби пред Поштата во Велес или пред Општина Велес или да се инвестира во изградба на едукативен центар на децата од Рамина (од фотографијата видливо во кои услови тие се едуцираат).
Од ДОМ Велес ова го предложија зашто во Велес станува се повидлив јазот помеѓу различни социјални групи, богати и сиромашни. Со таа цел предложија и ветија дека доколку ја добијат поддршката за влез во Советот на Велес ќе се заложат и за донесување Акциски план во Велес за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост.
Во Велес е потребно воспоставување механизми за подобрување на статусот на најранливите категории граѓани и запазување на принципот на еднакви можности и недискриминација. Потребно е развивање мерки и активности за вклучување на децата со посебни потреби во градинките. Обезбедување поддршка за родителите на децата со посебни потреби во основно и средно образование. Потребен е континуитет во развивање мрежа на советувалишта за лица во социјален ризик: советувалиште за родители и деца, деца во ризик, советувалиште за работа со жртви на семејно насилство и советувалиште за превенција од дрога, изјавија од ДОМ Велес.
Тие упатија и повик за подобро користење на расположливите човечки и материјални ресурси како начин за подобрување на условите за живот, и за работа на општествените услови на сите граѓани.