Сведоци сме на две еколошки горливи теми кои гледаме дека континуирано се повторуваат. Велешани со градежната експанзија почнаа да плаќаат преголем данок за урбаното живеење кој паѓа врз грбот на уништување на зеленилото во Велес и загадување на реката Вардар со тоа и загрозување на животната средина. ДОМ на национално ниво и во Градот Скопје иницираше Закон за заштита на зеленилото.
По тој пример Општинската организација на ДОМ Велес препорачува негова итна примена и во Велес со што би се сменил односот на локалните власти кон зелените површини, бидејќи како што е видливо пребрзо и многу лесно се носени одлуки за пренамена на зелените површини во градежни парцели, а инспекторските служби дејствуваат задоцнето.
Во Велес е потребно најбрзо можно да се формира нацрт план и зелен катастар со кој ќе се изврши целосен попис на градското зеленило, обезбедување квалитетно зеленило, како предуслов за здрав развој и унапредување на еколошката слика на градов и превентивно и навремено дејствување на инспекторатите во насока на заштита на зелените површини.
Стоиме на главната улица во Велес на која ако прошетате ќе се уверите во неколку случаи каде зеленилото очигледно се уништува. Затоа бараме за секое уништено дрво да бидат засадени десет нови. Во својата програма за Зелен Велес битно ќе се заложиме да се изврши итно посадување на нови и автохтони дрва во паркот во Велес, покрај кејот на Вардар и на главната улица во Велес.
Воедно како зелена партија би сакале да го поздравуваме и брзото информирање и алармирање од организациите на рибарите во случајот со излевањето на мрснотии во реката Вардар. Како жители на овој град очекуваме конкретни информации кој тоа континуирано го повторува ова дело. Бараме конкретни информации после извршените испитувања за евентуалната штета врз рибниот фонд, а како зелена партија остануваме со конкретен предлог за изградба на пречистителни станици на каналите во кои се влева индустриската вода од повеќе објекти со цел превентивно дејствување и заштита на реката Вардар.