ДОМ излегува во одбрана на македонската музика, загрижен од најавите за можен бојкот поради проблеми во комуникацијата помеѓу некои корисници и Македонската музичка индустрија (ММИ). ДОМ сугерира институциите од оваа област да посредуваат помеѓу засегнатите корисници и Македонската музичка индустрија, со цел да се објаснат работите и да се корегираат евентуалните грешки. За Република Македонија, со сите нејзини проблеми во меѓународното етаблирање и признавање, е од извонредна важност производството на македонска музика, зашто таа е еден од најдобрите промотори на современата македонска култура. Затоа, уште еднаш, ДОМ порачува: СЛУШАЈТЕ МАКЕДОНСКА МУЗИКА!
ДОМ излегува во одбрана на македонската музика, загрижен од најавите за можен бојкот поради проблеми во комуникацијата помеѓу некои корисници и Македонската музичка индустрија (ММИ).
ДОМ е секогаш на страната на заштита на македонскиот идентитет, како основа за постоење на македонскиот народ и македонската држава, па затоа и беше иницијатор на два големи проекта во 2007-та: Годината на македонскиот јазик и Слушај македонска музика. И двата дадоа извонредни резултати и ја подигнаа општата свест за значењето на творештвото на македонски јазик за нашата култура – рече портпаролот Тони Ристов.
Македонија, посебно Министерството за култура, доби многу пофалби од Европската Комисија за законската регулатива околу заштитата на авторските и сродните права, со што се ускладивме со европските директиви. Според нашите сознанија, Македонската музичка индустрија токму според оваа регулатива беше формирана и се стекна со лиценца за заштита на сродните права (тоа се правата на изведувачите и производителите на музика).Свесни сме дека е ова нова материја и нов приод, па веројатно оттаму доаѓаат одредени забуни и нејаснотии.
Затоа, ДОМ сугерира институциите од оваа област да посредуваат помеѓу засегнатите корисници и Македонската музичка индустрија, со цел да се објаснат работите и да се корегираат евентуалните грешки. Веруваме дека крајната цел на сите нас е да имаме европски стандарди во заштитата на музичките права и заслужена награда за сопствениците на музиката – тоа се авторите, изведувачите и произведувачите на музика – изјави Ристов.
За пошироката јавност е можеби непознато дека зад ММИ-Македонската музичка индустрија, стојат стотици познати и признати музички уметници и продуценти, а таа треба да ги заштити правата на СИТЕ, сите оние чија музика со задоволство ја слушаме, но кои имаат апсолутно право да живеат достоинствено од својот труд!
Конечно, да не заборавиме дека за Република Македонија, со сите нејзини проблеми во меѓународното етаблирање и признавање, е од извонредна важност производството на македонска музика, зашто таа е еден од најдобрите промотори на современата македонска култура. Затоа, уште еднаш, ДОМ порачува: СЛУШАЈТЕ МАКЕДОНСКА МУЗИКА!