ДОМ како зелена партија се бори за економско јакнење на жените, зашто економската независност е предуслов за достоинствен живот на жените и нивните семејства, но и за севкупен развој на државата. Затоа, преку Форумот на жени на ДОМ започнуваме кампања за економско јакнење на жените.
Вчера, на 12.01.2013, во хотелот Епинал во Битола се одржа Третото изборно собрание на Форумот на жени на ДОМ. На собранието се донесе Програма за работа за периодот од 2013 до 2017 година, во која еден од главните приоритети е економското јакнење на жените.
Затоа, Форумот на жени на ДОМ најавува кампања за економско јакнење на жените со следниве цели :
- Обезбедување баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот на жените со овозможување опции за флексибилно работно време (скратено работно време, работа во одредени денови), подолго породилно отсуство – 12 месеци, зголемување на бројот на градинките особено во руралните средини, целодневна работа на градинките;
- Активна партиципација на жените во „Oзеленување“ на економијата и создавање нови „зелени” работни места, во користењето обновливи енергии, зголемување на енергетската ефикасност, развој на туристичкиот сектор, современ третман на отпадот и водите, производство на здрава храна и рурален развој;
- Зголемување на поддршката на жените при основање приватни фирми , преку даночни олеснувања, кредитни линии или бенефиции кон фирмите каде менаџерскиот тим е од женски состав или каде доминираат женски работни позиции.
- Поголема застапеност на жени – управители и претставници во управни и надзорни одбори;
- Достапни едукации од областите како бизнис, менаџмент и маркетинг ;
- Формирање фонд за поддршка на неформалниот бизнис сектор (организиран извоз и пласман на македонски ракотворби и производи на занаетчиите);
- Ефективна примена на законските одредби за борба против мобингот на работното место.
Кампањата за економско јакнење на жените ќе се одвива преку измена на законската регулатива, трибини, предавања, акции и други форми на делување.
Форумот на жени на ДОМ ќе продолжи да работи конструктивно, со добра мисла и отвореност за дебата и дискусија, но и со компаративна анализа на странските искуства, со цел да се изнајдат најдобрите решенија за нашите македонски услови.
На прес конференцијата зборуваше Претседателката на Форумот на жени на ДОМ, д-р Маја Морачанин
Со почит,
Сектор за односи со јавност