Радикални структури ја посакуваат 2001 со поинаква разрешница

Интервју за Прес 24

Пратеничкта на ДОМ, Лилјана Поповска во саботното интервју за Прес24 вели дека граѓаните сакаат мирна и просперитетна држава, но некои радикални кругови во земјава има обиди да се врати 2001, овојпат со конечна и поинаква “разрешница”.

– Токму деновиве, настаните со знамињата и прославите на албанското знаме, го покажаа огромниот капацитет за толеранција на македонското општество, кое знаеше да го испочитува значењето на овој празник за дел од своите сограѓани, без да изреагира на провокациите на поединци, вели Поповска. Претседателката на ДОМ, повикува на мултикултурното поврзување на политичките елити, институциите, експертите и невладиниот сектор, во насока на меѓучовечко разбирање и обезбедување одржлива стабилност и просперитетност на секоја земја, но и на целиот регион.

Демократската обнова на Македонија, партијата што ја води Поповска на локалните избори сака да оди самостојно со свои листи за советници. Дефинитивна одлука во партијата се уште нема и таа ќе зависи од разговорите со ВМРО-ДПМНЕ.

– Моделот што го предлага ДОМ, со самостојни советнички листи и заеднички градоначалнички, е веќе виден на локалните избори 1996, во кои и лично учествував као носител на советничка листа за Град Скопје, за Демократската партија на Петар Гошев, кога освоивме осум советници во градот и вкупно, мислам, околу 90.000 гласови, вели за Прес24, Поповска

За окрупнувањето на опозицијата, смета дека на денот на изборите резултатот ќе покаже дека четири пати по еден, ќе биде помало од четири.

-Невозможен и неефективен, зашто се спојуваат околу желбата да симнат од власт еден човек и неговата влада, а не околу заедничка програмска платформа, како сегашната коалиција. Но, времето е најдобар судија кој бил во право, вели Поповска во интервјуто за Прес 24, кометирајќи го спојот, Георгиевски-Црвенковски-Бошковски-Жерновски.

Прес24: Некои настани кои изминативе неколку месеци се случуваат во Македонија на меѓуетнички план, како да откриваат една состојба која покажува дека и десет години по воениот конфликт во државата има само навидум некаква толеранција. Во која реалност живеат граѓаните на Македонија?

Поповска: Напротив, во Македонија има толеранција. Најголем дел од граѓаните сакаат да живеат во мирна, просперитетна и безбедна држава и за тоа ги прифаќаат разликите кај комшијата како дел од својот живот. Но во некои радикални кругови во земјава има обиди да се врати 2001, овојпат со конечна и поинаква “разрешница”. Оттаму се инспирирани разни провокации во вид на пароли, тепачки и непочитување на законите. Токму деновиве, настаните со знамињата и прославите на албанското знаме, го покажаа огромниот капацитет за толеранција на македонското општество, кое знаеше да го испочитува значењето на овој празник за дел од своите сограѓани, без да изреагира на провокациите на поединци.

Прес24: Во јавноста има една перцепција дека политичките субјекти се главните креатори на ваквите меѓуетнички односи. Дали тоа е од незнаење или од несакање да се работи на меѓуетничките односи?

Поповска: Политичките субјекти им даваат значење и јавност на идеите во општеството и лошо е кога некој застанува зад ретроградни идеи, од која и да е страна. Особено е опасно кога се манипулира со емоциите на граѓаните, само за некој политички поен повеќе. Застрашувачка е аналогијата во говорите на некои регионални лидери кои најавуваат великодржавни претензии, зашто сите уште се сеќаваме на зборовите на Милошевиќ: До кај што има еден Србин, до таму е Србија! Тоа доведе до страшни разврски. Прашувате дали е од незнаење на политичарите – да, и тоа го има, политичарите се само дел од народот и може да ги носат во себе истите митови и полуинформации за својата историја, како потпалувач за опасни идеи.

Затоа е многу важно мултикултурното поврзување на политичките елити, институциите, експертите и невладиниот сектор, во насока на меѓучовечко разбирање и обезбедување одржлива стабилност и просперитетност на секоја земја, но и на целиот регион. Затоа силно ја поддржувам иницијативата РЕКОМ, за евидентирање на жртвите од војните и конфликтите на тлото на поранешна Југославија, за персонализирање на бројките за жртви, зашто зад секоја жртва стои име, потекло и животна историја. На вчерашната конференција во Скопје предложив иницијативата да добие парламентарна димензија, за да биде обврска во неа да се вклучат владите од регионот и на тој начин да се постигне трајно цивилизациско помирување. Ги коментирав и одлуките на Хашкиот трибунал, кои ја убиваат вербата во правдата, а наместо неа ја наметнуваат силата на политиката и политичките интереси, независно што тоа значи уште едно убивање на жртвите. Трагично е што нашиот Јохан остана жртва, затворен како единствен виновник за конфликтот кај нас!? Би било смешно да не е толку трагично…

Прес24: Вие сте дел од владината коалиција, но иако не сте главниот креатор на политиките сепак претопсатвувам дека имате непосредна комуникација со членови на коалицијата кои доаѓаат до албанскиот политички субјект во владата. Рзговарате ли отворено што и како треба да се прави за подобрување на оваа слика во поглед на меѓуетничките односи?

Поповска: Се разбира дека разговараме, но обично за тоа како да се реши некоја конкретна проблематична ситуација. Ни недостига поопсежна анализа и дебата за стратешки прашања. Работиме со голема динамика, времето не гази и прескокнуваме да си дообјасниме некои работи.

Прес24: Она што во последн момен станува исто така сериозен проблем е јазикот на кој зборуваат поглаварите на двете најголеми верски заедници. Досега немаше отворен конфилт на верска основа, но како Вие ги цените зборовите на Архиепископот Стефан и Реисот Реџепи, може ли тоа да предизвика и меѓуверски конфликт во државата.

Поповска: Нема да предизвика конфликт, но може да ги залади односите меѓу верниците. Посакувам да ги гледаме во рамките на нивната возвишена духовност и спокој, како духовна потпора на своите верници, учејќи ги на љубов, почитување и толеранција кон луѓето и кон Бога.

Прес24: Има ли вистина во тезата дека сето ова се случува само како дневна политика во пресрет на локалните избори?

Поповска: Делумно да, изборите ја вжештуваат атмосферата, но има тука и добар дел повеќедецениска стратегија, која пробува радикално да ги менува состојбите на Балканот.

Прес24: Највивте дека на локалните избори ќе излезете самостојно. Дали тоа е дефинитивна одлука? Опцијата е само советнички листи или и градоначалнички кандидатури?

Поповска: Не се работи за одлука, туку за подготовка на ДОМ за самостојни листи за советници во 43 општини каде имаме организации и коалициски настап за градоначалници. Тоа е добро за промовирање на нашата зелена програма и нашите кадри, за јакнење на партиската структура и за потврдување на партискиот легитимитет. Ова го очекуваат и Европските Зелени, каде сме во процес на пристапување во трајно членство. Конечна одлука за настап на избори ќе донесеме кога ќе завршат разговорите со ВМРО-ДПМНЕ кои се во тек.

Инаку, моделот што го предлага ДОМ, со самостојни советнички листи и заеднички градоначалнички, е веќе виден на локалните избори 1996, во кои и лично учествував као носител на советничка листа за Град Скопје, за Демократската партија на Петар Гошев, кога освоивме осум советници во градот и вкупно, мислам, околу 90.000 гласови.

Прес24: Каква е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе има ли разбирање коалиционот партнер за Ваш самостоен настап на изборите?

Поповска: Не очекувам никакви проблеми околу тоа, зашто ние ги кажуваме отворено сите размисли. Колегите знаат дека ова беше наша заложба и на парламентарните избори 2011, но состојбите на политичката сцена силно се поларизираа и се покажа дека е неопходно да се оди коалиционо. ДОМ е коректен партнер веќе шест години, добро се познаваме и имаме изградено заемна доверба. Во никој случај не би презеле нешто што би им наштетило на колегите од коалицијата, а доколку крајните анализи покажат дека има потреба, може да се направи и комбиниран пристап. Инаку, самостоен настап за советници многу би ги олеснило работите и технички, зашто коалицијата е голема и нема доволно место за сите во секоја општина, а вака би си истрчале со свои сили.

Прес24: Колку сте задоволни од досегашното партиципирање во власта?

Поповска: Генерално, ДОМ може да биде задоволен од реализацијата на својата зелена програма во рамките на владината програма. Тоа е најдобар начин за промоција на зелената опција, во услови кога се уште е нова и за некои недоволно јасна. Направено е многу – во овој период донесени се практично сите важни закони и стратегии за заштита на животната средина, започната е примената во современото управување со природните ресурси и отпадот; го внесовме туризмот во државните стратегии, со што стана сериозна стопанска гранка која минатата година постигна пораст од 25% во број на странски туристи и 35% во странски ноќевања; ги пробивме обновливите енергии и енергетската ефикасност; се ратификува Конвенцијата на ОН за правата на лицата со хендикеп и почна примената; обезбедени се повеќе средства за науката и научните истражувања; подобрена е здравствената заштита на жените во третманот на малигните заболувања; формирана е институционална мрежа за родова рамноправност и заштита од семејно насилство; законски е регулирана заштита од мобинг; донесена е Декларација за подобрување на положбата на Ромите… Сево ова се иницијативи и барања на ДОМ кои колегите од Владата ги прифатиле и се спроведени.

Прес24: Има ли ВМРО-ДПМНЕ сенс за Вашите идеи?

Поповска: Ние сме различни партии со различни приоритети, здружени околу заедничката платформа за владеење на правото, економскиот развој и евро-атлантските интеграции. Го споделуваме истиот ентузијазам за меѓународната афирмација на Македонија и сме поминале многу заеднички битки. Има ситуации каде стартуваме од различни позиции, но подоцна се приближуваме. Политиката е реалистична дисциплина и свесни сме дека сами не би можеле да ги реализираме нашите заложби, нужно е коалицирање. За ДОМ се знае дека е секогаш добронамерен, иако понекогаш можеби премногу упорен со свои инсистирања.

Прес24: Имавте неколу идеи и проекти, меѓу нив за градски архитект, за зајакнување на екологијата.., до кај е нивната реализација? Имате ли поддршка од владините партнери за тоа?

Поповска: Инициравме враќање на функцијата градски архитект во Скопје и 13 градови во земјата, по што подготвивме измени на законите за локална самоуправа и Град Скопје, низ отворени дебати со јавноста и непосредна соработка со асоцијациите на архитекти во земјава. Изгледаше дека никој нема против, па затоа многу се изненадивме кога поддршката изостана во крајната фаза на носење на законите во Собранието. Како образложение добивме информација дека нема воља да се обезбеди специјалното мнозинство за носење закони од локалната самоуправа. Жалам поради тоа, зашто ова се стручни и технички измени, а не политички. Веќе најавив подготовка на посебен закон за градски архитекти, лекс специјалис, за кој е доволно обично мнозинство и поддршка од ЗЕЛС. Убедена сум дека на нашите градови им требаат градски архитекти, а посебно на Скопје, заради похармоничен и поефективен урбан развој.

Што се однесува до екологијата, природно е што ДОМ беше на браникот на граѓанскиот отпор против рестартирање на Топилницата во Велес и изградба на железарница во Неготино, што на крајот го поддржаа сите партии. Годинава се спроведе иницијативата за чистење на отпадот низ цела земја, предложена од ДОМ и асоцијацијата Ајде Македонија, а реализирана од Министерството за екологија и други владини тела. Течат многу локални иницијативи на ДОМ, заедно со општините. Се на се, имаме многу иницијативи, голем број се прифатени, но се разбира, има работи за кои сеуште лобираме да се прифатат, како Законот за зеленило (веќе работи работна група со претставници од Градот Скопје и ЈП паркови и зеленило), измени на Правилникот за стандарди и нормативи за планирање, нови национални паркови и заштитени зони, поголема отвореност кон маргинализираните заедници, квоти за градоначалнички и др.

Прес24: Наталитетот е едно од прашањеата на кое Владата посветува сериозно внимание. И во Парламентот ова прашање стана тема. Вие се заложивте дека ќе се бара начин како тоа да се подобри. Каде Вие ја лоцирате причината за намалениот наталитет?

Поповска: Да, иницирав јавна расправа на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите што ја водам и таа се одржа во соработка со министерството за труд и социјални работи, со присуство на експерти, невладини организации и претставници од меѓународни организации. По подолга дебата, со консензус донесовме заклучоци со кои ги поддржуваме активностите на Министерството во насока на ревизија на постојната Стартегија за демографски развој на Македонија, подготовка на експертска анализа за состојбите, како и избраната методологија на отворен пристап, преку четири работни групи во кои се вклучени експерти и невладини претставници.

Без длабинска експертска анализа не е благодарно да се говори на оваа тема, но како набљудувач, би рекла дека веројатно има многу фактори кои влијаат за намалување на наталитетот: промена на начинот на живот и вредносниот систем, желба за подобар личен стандард и подобри услови за децата, невработеност на родителите или ниските примања, подолгото образование на партнерите, потребата за механизми што ќе овозможат баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот на родителите, гаранции на работното место, немањето соодветни партнери во одредени рурални средини, недостигот на градинки и други сервиси за родителите, како и редица здравствени и еколошки проблеми што ја зголемуваат смртноста од една страна и ја намалуваат фертилноста од друга.

Прес24: Тоа не е проблем со кој се соочува Макеоднија, туку најголем дел од Европа. Некои европски експерти сметаат дека станува збор за нов, модерен тренд на живеење. Се согласувате со овие анализи?

Поповска: Да, секако. Современото семејство живее различно од традиционалното патријархално семејство и има други приоритети и желби, побарува многу повисоки стандарди за живот како за брачните другари, така и за своите деца. Истовремено, сегашните луѓе се многу повеќе свртени кон себеси и својот личен и професионален развој, со желба да се самореализираат преку професијата. Истовремено, ова е век на општа алиенација/отуѓување на поединецот, кој често пати свесно одлучува да остане сам и дури да не гради заедница. Конечно, сите живееме во време на страшна динамика, конкуренција и стрес за егзистенцијален опстанок.

Поради сево ова, не се многу од полза споредбите некогаш и сега, ниту споредбите на современи и традиционални семејства. Зашто, тешко дека некој може да го преусмери современото семејство во друго време или друг простор. Напротив, треба да се направи психолошки профил на тоа современо семејство, да се согледаат потребите и очекувањата и да се подготви пакет од различни мерки, кои ќе излезат во пресрет на барањата и ќе ги сменат состојбите. Сите сме свесни дека мораме да направиме се да се зголеми наталитетот, зашто од тоа зависи економскиот развој на државата, идниот живот на нашите идни генерации, но и голиот опстанок на нацијата и државата.

Прес24: Има ли дискриминација во македонското општество по родова основа?

Поповска: Не системска и институционална. Но има поединечна, како секаде. Особено ја има на работно место, посебно во форма на мобинг. Тоа е сериозен проблем и затоа пред три години предложив законски измени со внесување на поимот мобинг во нашето законодавство. За да профункционира целосно законот потребна е едукација на луѓето од институциите за негово спроведување, но и на пошироката јавност, за да може да го препознаат проблемот и да знаат како да се одбранат.

Прес24: Лидер сте на помала политичка партија, но со единстевна различна платформа. Ја препознаваат ли граѓаните зелената опција?

Поповска: Да, секој ден се повеќе. Тоа се гледа од големиот број нови членови, потоа од пристапувањето на луѓето на улица и на јавни места, со прашања и сугестии за наши иницијативи, но и од секојдневната комуникација со повеќето илјади пријатели на вебстраната и моите и профилите на ДОМ на Фејсбук.

Прес24: Како ја оценувате актуелната политичка состојба во Македонија?

Поповска: Тензична и непродуктивна, зашто има премногу емоции, премногу злоупотреби на собраниската говорница и премалку одговорност за големите државни прашања.

Прес24: Ве плаши ли окрупнувањето на опозицијата?

Поповска: Не, ни најмалку. Мислам дека ќе се покаже како непродуктивно спојувањето на лидерите, зашто зад нив нема да застанат сите нивни гласачи. Очекувам бројките на изборите да покажат дека во овој случај четири пати по еден ќе биде помало од четири!

Прес24: Како го коментирате спојот, Георгиевски-Црвенковски-Жерновски-Бошковски?

Поповска: Невозможен и неефективен, зашто се спојуваат околу желбата да симнат од власт еден човек и неговата влада, а не околу заедничка програмска платформа, како сегашната коалиција. Но, времето е најдобар судија кој бил во право…