ДОМ покренува иницијатива за „посвојување на дрва“

Грижата за зелените површини и стеблата не треба да биде одговорност само на јавните претпријатија и општините, туку на сите граѓани на Македонија. Затоа ДОМ на Град Скопје и општините ширум Македонија им предлага: Да се воспостават програми „посвојување дрво“ и „грижа и уредување на зелена површина“. Целта е граѓаните, претпријатијата, куќните совети, и други самоиницијативно или во соработка со јавните претпријатија да водат грижа за зелената инфраструктура преку доброволна јавна работа или со уплаќање на наменски донации.

Од ДОМ изразуваме задоволство од 10 –тата по ред акција „Ден на дрвото“ и од подигнатата свест меѓу граѓаните на Република Македонија за значењето на шумите во зачувувањето и унапредувањето на животната средина. Оваа акција, претставува успешен македонски одговор на драматичните климатски промени кои се случуваат на глобално ниво, а кои ги трпиме сите, особено преку зголеменото загадување кое влијае на здравјето на луѓето во урбаните средини – реле портпаролот Тони Ристов.

Сепак во ДОМ сметаме дека грижата за зелените површини и стеблата нивното одржување, развој и збогатување на урбаниот пејсаж не треба да биде одговорност само на јавните претпријатија и општините, туку на сите граѓани на Македонија. Затоа од ДОМ на Град Скопје и општините ширум Македонија им предлагаме: Да се воспостават програми „посвојување дрво“ и „грижа и уредување на зелена површина“.

Целта на овие програми би била граѓаните, претпријатијата, куќните совети, училиштата, државни и приватни институции, дипломатските претставништва во Македонија и други, да „посвојат дрво“ или да „преземат грижа за одредена зелена површина и нејзино уредување “, самоиницијативно или во соработка со јавните претпријатија. За оваа цел да се изготви регистар на сертифицирани физички и правни лица кои презеле одговорност за успешен развој на зелената инфраструктура и притоа тој да биде јавно обзнанет – посочи Ристов.

Оваа грижа за зелената инфраструктура може да се оствари преку доброволна јавна работа или со уплаќање на наменски донации – објасни Ристов околу методологијата на реализирање на овие програми. Ваква грижа за зелените површини во помал и симболичен обем веќе постои во општина Ѓорче Петров, каде сите основни училишта имаат преземено грижа за делови од Реонскиот Парк во Ѓорче Петров и учениците заедно со јавното претпријатие ја одржуваат оваа зелена површина.

Со овие програми мислиме дека во еден дел ќе се олесни имплементацијата и реализацијата на законот за зеленило, на кој ДОМ, претставници од Град Скопје, ЈП Паркови и зеленило, Агенцијата за планирање на просторот на РМ и стручни лица интензивно работат во овој период и чиј нацрт текст ќе биде презентиран наредниот месец и ќе биде поставен на јавна расправа. Овие програми многу ќе помогнат и при подготовката и создавањето на Зелениот катастар на Град Скопје.