Од срце на сите наши Македонци им посакувам да не се делат, ниту по партиска линија, ниту по место на живеење, или по вера. Ако се Македонци треба да бидат сплотени и така да бидеме јако лоби каде и да се наоѓаме. Ние како влада како држава направивме одлични услови за инвестирање во Македонија. Кај нас доаѓаат туѓинци да инвестираат зошто тогаш тоа да не го прават Македонците. Ако не друго, барем нека дојдат туристички да ја посетат државава и да се потсетат на местото од каде им се корените, вака вели Лилјана Поповска претседателката на ДОМ во интервјуто за Радио Илинден.
На почетокот би започнале она што е најсвежо во јавноста а тоа е вашата средба со заменик градоначалникот на Париз, Кристоф Најдовски, Македонец роден во Франција, член на француските Зелени. Како помина средбата? За што разговаравте и произлегоа ли некакви заклучоци од средбата или идни планови за делување? Која е разликата меѓу Париз и Скопје?
Л.П. Господинот Најдовски дојде во Скопје на наша покана, а со тоа ни направи голема чест како на нас така и на сите Македонци. На почетокот од средбата направивме заедничка трибина на која зборувавме за нивните успеси како партија во Париз, што тие направиле додека се власт и какви проекти спровеле во градот. Од тие разговори видовме што Скопје може да учи од тие нивни искуства посебно од „зелената“ програма од каква што доаѓа и господинот Најдовски. Ни беа презентирани практичните решенија што градот Париз ги применил а апсолутно може да се применат и кај нас. На пример „Француските зелени“ во последниве 10 години успеале да го намалат градскиот сообраќај за околу 20 до 30 проценти. При тоа ја зголемиле употребата на велосипеди каде изнајмувањето е евтино и за париски услови чини едно евро за час. Од друга страна градот има изградено голема мрежа велосипедски патеки што додатно влијаело да се намали употребата на автомобили.
Освен ова дознавме и за тоа колку енергија е заштедено со користење на обновливи извори на енергија. Дознавме и за тоа како градот ги субвенционира изградбите на изолациона заштита што дадатно влијае на заштеда на енергијата. Меѓутоа треба да напоменеме дека „Француските зелени“ егзистираат веќе триесетина години и во овој период тие имаат постигнато една константна подршка од граѓаните меѓу 10 и 16 %. Ние пак сега имаме еден пратеник, 23 советници, еден градоначалник што е битно различна ситуација од франција кон која ќе се стремиме.
ДОМ предлага прогласување на нови заштитени подрачја, како на пример за Национални паркови и природни резервати. Колкав е Европскиот просек на овие делови а како е кај нас? Има ли политичка волја за реализирање на оваа ваша идеа?
Л.П. Ова е една иницијатива која ние практично ја продолжуваме од минатата година, кога водевме кампања за екотуризам и потребата за развој на екотуризмот во Македонија. Ова посебно е важно за државава бидејќи имаме предуслови за ваков туризам а посебно со развојот на екотуризмот ќе придонесеме да се заштити Македонија од негативните влијанија на оној масовен туризам. Масовниот туризам може да биде штетен за нас како што се покажало во многу други држави. Тоа значи трупање петонски блокови во најатрактивните места и предизвикување еден налет на туристи првите 10 години што понатаму ќе замре и ќе ни останат само изградените хотели кои нема да бидат атрактивни за посета. Такви грешки има направено Шпанија со својот брег каде масовно с еуништи еден цел потег покрај морето. Сега таму останаа само бетонските хотели со многу малку природа, ситуација која носи многу помалку профит и нешто што не смее да ни се случи нам. Така и ДОМ како зелена партија се залага за зачувување на природата и паметно искористување на ресурсите долгорочно. Ако минатата година нашиот фокус беше Преспа и регионот затоа што беше најдобар за пример во оваа насока, како да се заштити а истовремено и искористи природата. Оваа година во таа насока започнавме кампања за прогласување на нови заштитени подрачја, како на пример национални паркови и природни резервати и така натаму. До сега Македонија има само 7,3 % од својата територија заштитено што е многу малку бидејќи просекот во светот е околу 13 %. За споредба Германијија има заштитено дури 56 % од својата територија ја има како заштитена зона. Проблемот кај нас е и тоа што ние слабо менаџираме со заштитените зони како на пример со Националните паркови, и едноставно не знаеме како да извлечеме профит од нив. Тој еко туризам кај нас се уште не е развиен а затоа и ние имаме една ваква идеа за давање поголема важност и внимание на овие подрачја.
На последната Конференција за одржлив развој РИО+20 беше истакнато дека земјоделството и производството на храна се клучен сектор за развој на државите. Каде сме ние во целава оваа приказна? Македонија е аграрна земја , имаме почва, вода , сонце а сепак не може да се пофалиме со добри производсвени резултати кога е храната во прашање. Зошто е тоа така што треба да се смени? Што превзема ДОМ?
Л.П. Последниве 6 години актуелната влада направи огромен позитивен пробив во третманот на земјоделието. Му даде приоритет каков што никогаш до сега немало во нашата држава. Освен што обезбеди субвенции за земјоделците се зголеми и извозот на земјоделски култури а се организираше и откуп на производи што значително им го олесни пласманот на земјиоделците на она што го произведуваат. Треба да вложиме напори во иднина да проиведуваме што повеќе органска храна за што имаме потенцијали а да внимаваме да не влеземе во групата земји кои практикуваат производство и употреба на генетски модификувана храна. ДОМ се залага за построга контрола во секоја област каде се произведува и каде што се тргува со храна за што во иднина ќе преземеме практични чекори.
Како ја оценувате моменталната политичка состојба во Македонија ?
Л.П. Политичката состојба во Македонија ја оценувам како зовриена. За жал многу жештина е венесено во политичките дебати меѓу позиција и опозиција. Изјавите кои се даваат се пренагласени при тоа никој не води сметка дали и колку ќе го повреди соговорникот лично. Личните етикетирања со големо количество на „зла крв“ е секојденвие во политичките дебати. Ова не е добро ни за државата ниту за краѓаните кои се заситени од ваквиот негативен набој. Ни фали аргументирана спокојна дебата од собраниската говорница иако има колеги кои настапуваат во овие културни граници.
Ќе има ли предверемени парламентарни избори во Македонија? Има ли услови за тоа?
Л.П. Многу се зборува за ова последно време. Некои и го заговараат тоа некои не, но не сум начисто кои искрено го сака тоа кој не и го вели тоа како блеф. Ние од Дом во принцип секогаш сме за регуларни избори. Сметаме дека најдобро е да се истера еден цел мандат. Тоа е добро и за локална и за национална власт затоа што за 4 години може да се реализира голем дел од програмата која си ја задала на избори.
Идната година ќе се одржат редовните локални избори. Како ќе се позицонирате вие како партија? Може ли да очекуваме повеќе „зелени“ советници во општините и градот Скопје и првиот „зелен“ градоначалник во државава?
Л.П. Ние во ДОМ секако очекуваме повеќе на следните ибори затоа што изминативе години придонесовме многу за промена на свеста кај граѓаните кога е во прашање екологијата, туризмот, обновливите извори на енергија … Исто така сме придонеле и за промена на конкретни состојби во државава на што сме посебно горди. Се повеќе луќе сваќчаат дека зелената опција нуди нешто ново, нешто што никоја друга партија не го покрива како поле на интерес.
Еве за крај една порака од вас пред се до нашите иселеници во Австралија и тука би го завршиле интервјуто.
Л.П. Од срце на сите наши Македонци им посакувам да не се делат, ниту по партиска линија, ниту по место на живеење, или по вера. Ако се Македонци треба да бидат сплотени и така да бидеме јако лоби каде и да се наоѓаме. Ние како влада како држава направивме одлични услови за инвестирање во Македонија. Кај нас доаѓаат туѓинци да инвестираат зoшто тогаш тоа да не го прават Македонците. Ако не друго барем нека дојдат туристички да ја посетат државава и да се потсетат на местото од каде им се корените.
Интервјуто е позајмено од Радио Илинден