Не засегаат ли загрижувачките зборови на светскиот самит за одржлив развој и нас во Република Македонија? Го гледаме ли земјоделството и производството на храна како клучен сектор за развој во иднина, или сеуште го третираме како „вообичаен бизнис“. Статистика бележи засилен миграторен процес село-град, зголемено загадување на водите и продуктивните почви, исчезнување на агро-биодиверзитетот. Интензивното земјоделско производство бележи зголемување, но никој не ги следи напуштените ниви, изгубените сорти овошје и зеленчук кои се наше традиционално обележје, наше културно богатство, наш корен. Културата на храната со која се гордееме пред секој турист, гостин, патник, полека ја губи подлогата, бидејќи традиционалните специјалитети ги приготвуваме со увозни сорти домати, пиперки, боранија, кромид, лук итн – истакна Јасмина Лескаровска на прес конференцијата одржана по повод завршувањето на Самитот во Рио.
На неодамна одржаната Конференција за одржлив развој РИО+20 (20-22 Јуни 2012) претседателот на ОН Бан Kи Мун на панелот за земјоделство и храна истакна:
„Крајно време да се преиспитаме како ја произведуваме, споделуваме и консумираме нашата храна. Ако се работи исправно, земјоделството, шумарството и рибарството може да обезбедат здрава храна за сите и да генерираат пристојни приходи доколку се даде поддршка на луѓето опфатени со руралниот развој и поддршка за заштита на животната средина.
Но, токму сега, нашата почва, слатките води, океаните, шумите и биодиверзитетот брзо се деградираат. Климатските промени уште повеќе го зголемуваат притисокот врз ресурсите од кои зависиме, зголемувајќи ги ризиците поврзани со природни катастрофи како што се сушите и поплавите.
Многу рурални жени и мажи не можат да врзат крај со крај на нивната земја, и се принудени да мигрираат во градовите во потрага по можности за егзистенција. Потребна е длабока промена во глобалниот систем на храна и земјоделство, доколку сакаме да спасиме 925 милиони гладни луѓе денес, но и дополнителни 2 милијарди кои се очекуваат до 2050 година.
Земјоделството и храната како сектор нудат клучни решенија за развој и се централни полиња за искоренување на сиромаштијата и борба против гладот.“
Основната порака испратена од Рио до Владите и меѓународните организации е да креираат нова “зелена револуција“ за да ја зголемат двојно продуктивноста во производството на храна, водејќи сметка за заштита на природните ресурси од прекумерно искористување, распределбата и загадувањето на водите, заштита на биодиверзитетот и плодните почви.
На Конференцијата се поставија и неколку глобални цели кои мора да се постигнат до 2030 година:
– 0% деградација на почвата,
– 20% зголемување на ефикасноста во ланецот на снабдување со храна, со намалување на загубите и отпадот од фарма до трпеза,
– 20% зголемена ефикасност во наводнувањето во земјоделството,
– 70% од наводнуваните површини со примена на системите “капка по капка“
Другите препораки специфично се однесуваат на :
– Зголемен пристап до инвестиции во локалното производство и снабдување со храна,
– Зголемен пристап на глобалните прехрамбени пазари,
– Посебна грижа за загрозените мали фармери, жените и социјално загрозеното население во руралните средини,
– Поголема транспарентност и отварање на трговските системи кои придонесуваат за стабилни цени на храната на домашните пазари,
– Зголемен пристап до земја, вода и други природни ресурси, како и поддршка преку разни социјални програми.
Не засегаат ли овие загрижувачки зборови на светскиот самит за одржлив развој и нас во Република Македонија? Го гледаме ли земјоделството и производството на храна како клучен сектор за развој во иднина, или сеуште го третираме како „вообичаен бизнис“. Статистика бележи засилен миграторен процес село-град, зголемено загадување на водите и продуктивните почви, исчезнување на агро-биодиверзитетот. Интензивното земјоделско производство бележи зголемување, но никој не ги следи напуштените ниви, изгубените сорти овошје и зеленчук кои се наше традиционално обележје, наше културно богатство, наш корен. Културата на храната со која се гордееме пред секој турист, гостин, патник, полека ја губи подлогата, бидејќи традиционалните специјалитети ги приготвуваме со увозни сорти домати, пиперки, боранија, кромид, лук итн… – истакна Јасмина Лескаровска.
Зошто не се запрашаме што сакаме како потрошувачи? Зошто немаме избор во оценката на „здрава“ храна произведена ова утро, а мораме да купуваме „свежи“ производи кои поминале илјадници километри до нашите супермаркети. Многу прашања и дилеми стојат неодговорени. Го увезуваме глобалниот производ наречен храна, полн со пропишани дози адитиви, конзерванси, аромати и згуснувачи, а домашниот производ добиен во еколошка средина, докажано органски, нема пристап до нас.
Очигледно е дека глобалните концепти за земјоделство и храна се менуваат во светот. Масовно се напуштаат досегашните политики во земјоделството и се оди на негово „озеленување“, што подразбира развој по еколошки, социјален и економски модел. Во фокусот е малиот фармер кој произведува 80% од целокупната храна во светот. Неговата традиционална одржлива агротехника, заштита на биодиверзитетот и употреба на сопствени ресурси (автохтоно семе, органски ѓубрива) конечно ги призна и глобалната политика која досега предност му даваше на бизнисот.
Колку ќе ги препознаеме и искористиме нашите скриени вредности и можности за иден севкупен развој зависи од нас. Храната која секојдневно ја трошиме може да придонесе кон развој на земјоделството и руралните подрачја, но доколку не го направиме вистинскиот избор, можно е утре да ги носиме нашите деца во „Музеј на изгубената храна“ – заврши Лескаровска.