Предлози на ДОМ за избор на градоначалнички

Измена на Изборниот законик со квоти за градоначалнички, каде една третина од сите кандидати за градоначалници на една партија би биле жени по аналогија со постоечкиот систем на родови квоти на листите со пратеници и советници, кој дава одлични резултати во неколку изборни циклуси.

Во пресрет на локалните избори, ДОМ уште еднаш потсетува дека Македонија е една од ретките земји каде нема ниту една жена градоначалник! Тоа е неодржливо, ако се знае дека Македонија е во земјите над европскиот просек со 31% учество на жени во политиката. Жените докажаа дека се успешно се носат со сите одговорни функции, независно дали се работи за пратеник, советник, министер или директор.


Ова отвора повеќе прашања: Може ли градоначалничката функција да биде ексклузивно резервирана само за мажите? Дали ова не е обид за дисквалификација на жените во битката за моќните градоначалнички позиции? Дали на способните жени во партиите им се дава доволно можност за јавна промоција, за да бидат подеднакво добитни како и нивните колеги мажи?


ДОМ, како зелена партија која се води од принципите за еднакви можности, предлага неколку реалистични модуси за излез од оваа состојба:


1) Измена на Изборниот законик со квоти за градоначалнички, каде една третина од сите кандидати за градоначалници на една партија би биле жени по аналогија со постоечкиот систем на родови квоти на листите со пратеници и советници, кој дава одлични резултати во неколку изборни циклуси. Ова законско решение го поднесовме во Парламентот пред повеќе од 2 години, но не беше прифатливо за ниедна партија. Ако е 30% голема бројка во моментов, ги замолуваме колегите да размислат дали некоја помала бројка би била прифатлива.


2) Доколку законската обврска со квоти не е прифатлива во ниедна варијанта, ДОМ предлага потпишување заедничка Декларација од сите политички партии за кандидирање жени за градоначалнички. Ваков предлог веќе беше изнесен на седницата на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, при разгледувањето на нашиот предлог-закон, и тоа од колеги од други партии.
3) Конечно, како минималистичка варијанта, предлагаме изјави на добра волја од политичките лидери за спремност за кандидирање жени на овие позиции.

Свесни сме за големото значење на локалните избори за секоја партија, но и за постоечкиот распоред на силите внатре во партиите, каде во моментов поголемиот број веќе познати и промовирани личности се токму мажите. Но како одговорни политичари мора да водиме сметка и за впечатокот што го оставаме како земја, зашто отсуството на жена градоначалник праќа погрешна порака за нашиот демократски капацитет како општество и како политички субјекти. Надминувањето на состојбава ќе зависи од консензусот на сите политички субјекти. Затоа апелираме до сите колеги, сериозно да размислат за ова прашање.