Декларацијата на Мешовитиoт парламентарен комитет од Брисел позитивен пример за парламентарна дипломатија

ДОМ ги поздравува заклучоците и донесената Декларација од страна на Мешовитиoт парламентарен комитет ЕУ – Република Македонија. Ова го сметаме за голем успех на македонската парламентарна дипломатија и потврда дека заедничкото дејствување и консензуален став може многу да придонесат во понатамошното приближување на Република Македонија кон членството во ЕУ. Не радуваат дадените препораки да се врати придавката „македонски” во извештаите на Европскиот совет и да се почитува македонскиот идентитет, култура и јазик, Европскиот совет без одложување да определи почеток на преговори за македонско членство во ЕУ до крајот на 2012 година и пресудата на Меѓународнито суд на правдата од Хаг да биде обврска Грција да не го попречува членството на Македонија во НАТО и почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

ДОМ ги поздравува заклучоците и донесената Декларација од страна на Мешовитиoт парламентарен комитет ЕУ – Република Македонија, кој минатата недела имаше состанок во Брисел а на кој од македонска страна учествуваа македонските пратеници Кенан Хасипи како претседавач, Силвана Бонева, Антонио Милошоски, Андреј Петров, Беким Фазлиу и Арбен Љабеништа. Ова го сметаме за голем успех на македонската парламентарна дипломатија и потврда дека заедничкото дејствување и консензуален став може многу да придонесат во понатамошното приближување на Република Македонија кон членството во ЕУ.

Особено треба да не радуваат дадените препораки да се врати придавката „македонски” во извештаите на Европскиот совет и да се почитува македонскиот идентитет, култура и јазик, Европскиот совет без одложување да определи почеток на преговори за македонско членство во ЕУ до крајот на 2012 година и пресудата на Меѓународнито суд на правдата од Хаг да биде обврска Грција да не го попречува членството на Македонија во НАТО и почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

Искажуваме задоволство и од препораките изнесени во Декларацијата каде објективно се нотира напредокот, но и претстојните задачи на Македонија кои мора да се исполнат пред нејзиното зачленување во ЕУ. Во него се нагласува посветеноста на Македонија во процесот на приближување кон ЕУ преку градењето на заедничката безбедност на Европа преку учеството во воените мисии на ЕУ, активната вклученост и постигнатиот напредок во интеграцијата на Ромите во неколку области.

Значајни се и позитивните критики кои се однесуваат на тоа дека земјата треба да биде способна да се справи со конкурентските притисоци и пазарните сили во рамки на Унијата на среднорочен план; повикот до државните институции, сите политички партии и граѓаните на земјата активно да учествуваат во намалувањето на етничките тензии и да овозможат професионално продолжување на истрагата за априлскиот случај кај Смиљковското езеро; натамошните реформи на Законот за судовите со цел да се забрза професионализацијата на изборот на судии во повисоките судови; да продолжи со обезбедувањето слободата на изразување во медиумите и натамошно продлабочување и продолжување на дијалогот со здружението на професионални новинари; охрабрувањето на вработувањата за младите преку насочено образование и други програми и намалувањето на големата структурна невработеност од околу 30 проценти.

ДОМ како зелена партија ги смета за особено значајни и охрабрувањето на владата да продолжи со реализација на зацртаните цели за енергетска ефикасност; повикот земјата да направи поголем напредок во искористувањето на потенцијалот за обновливите извори на енергија со цел да се зголеми уделот на обновливата енергија во крајната потрошувачка на енергија; констатацијата дека е постигнат одреден напредок во областа на управувањето со отпадот и значењето на донесените клучни документи за оваа проблематика Националата стратегија за управување со отпад 2008-2020 и Националниот план за управување со отпадот 2009-2015.