Прегрни го дрвото

Дрвјата, освен што се главен украс на градовите, во урбаните средини тие се јавно добро, исто како што се улиците, плоштадите, тротоарите, јавните згради или просторите за рекреација. Затоа од клучно значење e урбанистичките планови да предвидат доволно простор за садење дрвја на кои ќе им се овозможи да се развиваат максимално, а во исто време со најголема внимателност да се планира нивното евентуално сечење или поместување.

ДОМ, по повод Светскиот ден за заштита на животната средина, организираше манифестација под мотото „Прегрни го дрвото“ во паркот Жена-борец на кој ги промовираше придобивките од градските дрвја и опасноста од нивното сечење во услови на нагла и непланска урбанизација.

Дрвјата, освен што се главен украс на градовите, во урбаните средини тие се јавно добро, исто како што се улиците, плоштадите, тротоарите, јавните згради или просторите за рекреација. Освен нивната неспорна естетска вредност тие се 24 часа на работа, подобрувајќи ги условите и квалитетот на животот на луѓето во градовите. Притоа ДОМ потсети дека дрвјата го подобруваат нашиот воздух, ја заштитуваат климата и водата во градовите, обезбедуваат заштеда на енергија, ја подобруваат безбедноста во сообраќајот, обезбедуваат економска одржливост и ја зголемуваат вредноста на недвижностите.

Придобивките од дрвјата се во директен сооднос со нивната големина. Поголемите дрвја обезбедуваат поголеми придобивки од помалите. Дрво со висина од 20 м и крошна од 12 м во текот на еден сончев ден преработува 9.400 литри јаглендиоксид. Притоа тоа ги прочистува и бактериите, спорите, прашината и другите штетни состојки во воздухот, а во исто време обезбедува влажност на воздухот, затоа што дрвото во текот на еден ден испушта околу 400 литри вода. Во тој период тоа преку фотосинтезата произведува 13 кг кислород, што задоволува потреби за 10 луѓе. За да се надоместат овие придобивки од едно „старо“ дрво, доколку тоа се исече потребно е да се засадат 2.000 нови, млади дрвца.

Затоа е од клучно значење урбанистичките планови да предвидат доволно простор за садење дрвја на кои ќе им се овозможи да се развиваат максимално, а во исто време со најголема внимателност да се планира нивното евентуално сечење или поместување.