МОДОМ го поддржува предлогот на партијата за измени на Изборниот законик со воведување на квоти за градоначалнички и отворени листи.Овој предлог е аналоген на постоечкиот систем на родови квоти на листите со пратеници и советници, кој дава одлични резултати во неколку изборни циклуси и кој Македонија ја вброи во земјите со европски просек од 30% според учеството на жени во политиката.Во МОДОМ веруваме дека со усвојувањето на овие измени ќе се придонесе за промоцијата и реализацијата на вистински еднакво општество и промоција на демократијата и одржливиот развој.
Младинската организација на ДОМ – МОДОМ, им го честита 8-ми март на сите жени во Република Македонија.
МОДОМ, во согласност со своите зелени принципи се залага за подобрување на положбата на жената преку активни политики за еднакви можности, кои водат кон суштинска рамноправност меѓу половите, еднаква политичката застапеност, економска независност на жената, здравствена и социјална заштита, усогласување на приватниот и професионалниот живот на жените, спречување на насилството врз жените и фер работни односи. Локалната власт, како составен дел од националната структура на владеење, е ниво на владеење најблиску до граѓаните. Затоа е во најдобра позиција да ги вклучи жените во креирањето и носењето на одлуки кои се однесуваат на нивните услови за живеење, и да ги употреби нивното знаење и способности во промоција на демократијата и одржливиот развој.
За жал во извршната власт на локално ниво, нема ниту една жена!
Оттука, МОДОМ го поддржува предлогот на партијата за измени на Изборниот законик со воведување на квоти за градоначалнички и отворени листи. Со овие измени, жените би добиле можност како избрани претставници на овие влијателни функции, да внесат поинаков квалитет во работата на општините.
Овој модел на родови квоти на листите со кандидати за градоначалници, ќе овозможи секој трет кандидат да биде од помалку застапениот пол. Овој предлог е аналоген на постоечкиот систем на родови квоти на листите со пратеници и советници, кој дава одлични резултати во неколку изборни циклуси и кој Македонија ја вброи во земјите со европски просек од 30% според учеството на жени во политиката – изјави Христина Оџаклиевска.
ДОМ веќе има поднесено предлог-измена на Изборниот законик пред 2 години, но во тој момент не доби поддршка од ниедна партија, иако сите се согласија дека нешто треба да се стори. Со оглед на наближувањето на локалните избори, сметаме дека сега е време да се повтори овој предлог.
Да потсетиме. Овој предлог е во согласност со Уставот, Законот за еднакви можности меѓу мажите и жените, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Европската повелба за рамноправност на мажите и жените во локалните заедници, Конвенцијата на Обединетите нации за укинување на сите облици на дискриминација на жената. Во МОДОМ веруваме дека со усвојувањето на овие измени ќе се придонесе за промоцијата и реализацијата на вистински еднакво општество.
Активистите на МОДОМ во оваа пригода изработија и леток, кој по завршетокот на прес конференцијата им беше делен на граѓаните.