ДОМ предлага измени на Изборниот законик со отворени листи и квоти за градоначалнички. И двете измени би воделе кон унапредување на демократичноста и партиципативноста на нашиот изборен систем. Со слободните листи би добиле поодговорни пратеници и општински советници, со многу поголем легитимитет и слобода на делување. ДОМ смета дека отворените листи не би го намалиле бројот на избрани жени, зашто македонските граѓани во повеќе изборни циклуси покажаа дека им веруваат на жените во политиката и гласаат за нив кога се на чело на листите. Со квотите за градоначалнички би добиле конечно избрани жени на овие влијателни позиции, со што ќе се прошири делувањето на жените во извршната власт на локално ниво, каде во моментов не фигурира ниту една жена!
ДОМ предлага измени на Изборниот законик со отворени листи и квоти за градоначалнички. И двете измени би воделе кон унапредување на демократичноста и партиципативноста на нашиот изборен систем – изјави Христина Оџаклиевска на прес конференцијата.
ДОМ верува дека со слободните листи би добиле поодговорни пратеници и општински советници, со многу поголем легитимитет и слобода на делување. Граѓаните се во голем дел веќе подготвени за оваа промена, како што покажаа неодамнешните анкети.
ДОМ предлага во Изборниот законик да се внесе најлибералната верзија на отворени листи, со 3 до 5 гласови што гласачот може да ги даде на различни кандидати, дури и од различни листи. Тоа за гласачот би значела и поголема слобода за избор, но и поголемо влијание врз партиите и политичарите. Ваквиот модел на површина би ги извадил одговорните и разумни политичари, а истовремено би се излегло од црно-белиот свет на бипартизмот. Севкупно, политичката сцена во Македонија би добила на квалитет.
ДОМ смета дека отворените листи не би го намалиле бројот на избрани жени, зашто македонските граѓани во повеќе изборни циклуси покажаа дека им веруваат на жените во политиката и гласаат за нив кога се на чело на листите.
Со квотите за градоначалнички би добиле конечно избрани жени на овие влијателни позиции, со што ќе се прошири делувањето на жените во извршната власт на локално ниво, каде во моментов не фигурира ниту една жена! ДОМ веќе има поднесено предлог-измена на Изборниот законик во оваа смисла пред 2 години, но во тој момент не доби поддршка од ниедна партија, иако сите се согласија дека нешто треба да се стори. Со оглед на наближувањето на локалните избори, сметаме дека сега е време да го повториме нашиот предлог – рече Оџаклиевска.
Технички, ДОМ по втор пат го предлага истиот модел на родови квоти на листите со кандидати за градоначалници, каде секој трет кандидат треба да биде од помалку застапениот пол. Значи, секоја партија што предлага кандидати за градоначалници, би требала да предложи по 1 жена на 2 машки кандидати. Практично, ова е аналогија со постоечкиот систем на родови квоти на листите со пратеници и советници, кој дава одлични резултати во неколку изборни циклуси и кој Македонија ја вброи во земјите со европски просек од 30% според учеството на жени во политиката.