На Македонија и треба зелена индустриска револуција – Како да дојдеме до одржливост во тешката индустрија?

ДОМ како зелена партија смета дека на Македонија и треба нова стратегија за индустриски развој, која ќе води сметка за распоредот на зоните со индустрија. Никако не смее да се дозволи поставување тешка загадувачка индустрија во близина на места за домување, места каде се произведува храна, места погодни за развој на туризмот. Тешката индустрија треба да се одвои со тампон зона, заради заштита на животната средина и здравјето на луѓето.

ДОМ, како зелена партија, воден од интересот за решавање на проблемите со животната средина со Топилницата во Велес и со најавената Железара во Неготино, но и од потребата за економски развој и социјална сигурност на населението, ја организираше конференцијата „На Македонија и треба зелена индустриска револуција – Како  да дојдеме до одржливост во тешката индустрија?“

ДОМ  смета дека на Македонија и треба нова стратегија за индустриски развој, која ќе води сметка за распоредот на зоните со индустрија. Никако не смее да се дозволи поставување тешка загадувачка индустрија во близина на места за домување, места каде се произведува храна, места погодни за развој на туризмот. Тешката индустрија треба да се одвои со тампон зона, заради заштита на животната средина и здравјето на луѓето – рече Лилјана Поповска на конференцијата. Сериозно прашање е дали Македонија има доволно простор за вакви тампон зони? Како зелени сметаме дека немаме и дека треба да го следиме примерот на Словенија и да се насочиме кон зелени економии – производство на здрава храна, туризам, обновливи енергии, енергетска ефикасност и други незагадувачки дејности. Затоа ДОМ има јасен став: Не за рестартирање на Топилницата во Велес! Не за изградба на Железарница во Неготино! – заврши Поповска во своето воведно обраќање на конференцијата. 

Гостин на конференцијата беше и членот на Извршниот комитет на Европската зелена партија, Алексеј Козлов, кој во своето излагање потенцираше:  За Македонија многу е важно што се отвара ова прашање. Европа веќе подолго време, а особено ние од Зелената партија, градиме политики за сузбивање на загадувањето предизвикано од тешката индустрија. 

На конференцијата земаа учество Проф. Д-р. Трајче Стафилов кој говореше за Еколошки проблеми во индустрискиот сектор во Македонија; Ненад Коциќ, претседател на еколошко друштво Вила Зора – Велес и член на Зелената коалиција од Велес, кој зборуваше за Здравствени проблеми во Велес како последица од загадувањето на Топилницата. Од индустрискиот сектор учество зема Наташа Бакреска Кормушоска, Директор на сектор за животна средина во Цементарница, Скопје која со гостите ги сподели најдобрите практики за заштита на животната средина кои ги презема овој индустриски објект и други еминентни претставници од стручната јавност, бизнис и граѓанскиот сектор.

На конференцијата дискутантите ја нагласија потребата од Интензивирање на процесот на прилагодување на големите индустриски загадувачи кон еколошките стандарди пропишани со закон; засилување на мониторингот на индустриските загадувачи во поглед на воздухот и отпадните води преку обезбедување поголем број инспектори и други стручни лица, како и соодветна техничка опременост; ремедијација на загадените почви од историско загадување; отстранување на Топилницата во Велес поради докажанoто штетно влијание врз животната средина и здравјето на луѓето и чистење на почвата со ремедијација; правилно распоредување на индустриските објекти во просторот зависно од видот, намената и влијанието на животната средина; исклучување на тешката индустрија во простори наменети за домување, земјоделие и туризам; престанок на активностите за изградба на Железара во Неготино поради непосредната близина на градот и лозовите насади.