ДОМ против железара среде лозјата во Неготино!

За ДОМ е неприфатлива помислата да се гради железара среде лозјата во Неготино.Тоа би значело уништување на земјоделските култури од кои сега живеат илјадници семејства во Тиквешијата, а најголема штета би имале лозарите и винопроизводителите. ДОМ смета дека е незаконски да се внесува тешка загадувачка индустрија во Неготино, кога со просторниот план е предвидена лесна индустрија. Дури и за лесната индустрија важи правилото дека може да биде прифатлива за земјоделието, само ако строго се почитуваат еколошките стандарди. ДОМ апелира да не си отвораме нови рани. Доволно ни се главоболките со постоечките постројки од тешката индустрија, изградени на несоодветни места и со застарена технологија. ДОМ укажува дека дојде времето во Македонија отворено да се дебатира за одржлив економски развој, што само по себе значи дека во секоја економска активност мора да се води сметка и за екологијата.

За ДОМ како зелена партија, Неприфатлива е самата помисла да се гради железара среде лозја. Железарата спаѓа во тешка загадувачка индустрија, каде и при најсовремена заштита долгорочно има загадување на животната средина околу објектот. Тоа би значело уништување на земјоделските култури од кои сега живеат илјадници семејства во Тиквешијата, а најголема штета би имало за лозарите и винопроизводителите – рече Јасмина Лескароска изнесувајќи го ставот на ДОМ дека е против изградба на ваков индустриски објект во Неготино.

Неприродно е да се планира економски развој на Неготино преку истовремена градба на железара и нови винарии. Едното го исклучува другото.

ДОМ смета дека е незаконски да се внесува тешка загадувачка индустрија во Неготино, кога со просторниот план е предвидена лесна индустрија. Дури и за лесната индустрија важи правилото дека може да биде прифатлива за земјоделието, само ако строго се почитуваат еколошките стандарди. Значи, треба да си ги почитуваме урбанистичките планови кои водат сметка за правилно распоредување на објектите во просторот, зависно од видот, намената и влијанието врз животната средина.

ДОМ апелира да не си отвораме нови рани. Доволно ни се главоболките со постоечките постројки од тешката индустрија, изградени на несоодветни места и со застарена технологија.

ДОМ укажува дека дојде времето во Македонија отворено да се дебатира за одржлив економски развој, што само по себе значи дека во секоја економска активност мора да се води сметка и за екологијата. Еколошката свест во Македонија е сеуште на незадоволително ниво и ќе треба да се бориме да се спречат нови еколошки катастрофи сите ние што веруваме дека земјата не сме ја наследиле од своите татковци, туку сме ја позајмиле од своите деца. Ова го велеле старите Индијанци, ова го велат денешните Велешани, а богами и најголем дел од денешните Неготинчани. Ете, и ним им се падна да бидат првоборци во еколошката револуција во Македонија! – заврши Лескароска.