ДОМ, како зелена партија, предлага законски измени со кои архитектите ќе го добијат важното место во општеството, во интерес на сите нас како граѓани и во интерес на нашата животна средина. Имено, предлагаме измени во Законот за Град Скопје, со внесување на поимите градски архитект и градски совет на архитекти, кои ќе бидат важни актери при креирањето и спроведувањето на Генералниот урбанистички план на Скопје. Со јавни расправи за постојните и за новите урбанистички решенија со стручната фела, граѓаните, инвеститорите ќе добиеме подобри урбанистички решенија кои ќе бидат во склад со современите естетски, еколошки и социјално одржливи стандарди за проектирање и градба, кои водат кон зелени ипаметни градови (green cities, smart cities), концепт кој го прифатија многу европски метрополи.
Урбанизмот во Македонија стана високо политизирана област, во која се судираат политичките елити. Најголем дел од политичарите немаме образование на ова поле, а носиме одлуки за него – како пратеници, градоначалници, советници – истакна Лилјана Поповска.
Стручните луѓе, урбанистите, пак, стојат настрана, иако по редот на нештата се најповикани да го креираат просторот во естетски обликувани и функционални целини. Но според сегашнава институционална рамка, урбанистите не се влијателни актери во донесувањето на одлуките за тоа како ќе изгледаат нашите градови и како ќе живеат луѓето во нив. Општеството како да заборавило на нив и нивната мисија, а и самите како да изгубиле полет и сила да креираат јавна свест за убавото и функционалното.
Во амбиент на силна политичка поларизација, страда најпрвин урбанизмот, а потоа и граѓаните и градовите. А сите знаеме дека грешките во урбанизмот тешко се поправаат и скапо чинат, некои се дури и непоправливи.
Поради сево ова, ДОМ смета дека наместо политички судири на тема Урбанизам, потребни ни се стручни судири на мислења и погледи. Само таквите судири ќе бидат продуктивни и ќе дадат подобри урбанистички решенија. Во склад со современите естетски, еколошки и социјално одржливи стандарди за проектирање и градба, кои водат кон зелени и паметни градови (green cities, smart cities).
Затоа, ДОМ, како зелена партија, предлага законски измени со кои архитектите ќе го добијат важното место во општеството, во интерес на сите нас како граѓани и во интерес на нашата животна средина. Имено, предлагаме измени во Законот за Град Скопје, со внесување на поимите градски архитект и градски совет на архитекти, кои ќе бидат важни актери при креирањето и спроведувањето на Генералниот урбанистички план на Скопје.
Дополнително треба да се размисли дали ваква институција не треба да вградиме и во Законот за локална самоуправа, за сите наши градови со над 30.000 жители. Само да се потсетиме каква неконтролирана урбана експанзија се случува со нашиот туристички бисер Охрид, кој поради ова може да ја изгуби и заштитата од УНЕСКО!
Градски архитекти имаат повеќе европски метрополи. Вакво решение има и Рига, главниот град на Латвија, со 700.000 жители, кој важи за една од најубавите европски метрополи и град на културата за 2014. Дека убавиот изглед не е случаен, говори фактот што во Рига веќе 136 години постои институција градски архитект и совет на градски архитекти, кои се извонредно моќни и влијателни. Тие организираат јавни расправи за постојните и за новите урбанистички решенија со стручната фела, граѓаните, инвеститорите. Тие им даваат стручни сугестии на политичарите, кои потоа одлучуваат со многу помал ризик за грешка.
ДОМ веќе ги имаше поднесено истиве измени минатата година, но поради предвремените парламентарни избори, предлогот не дојде на дневен ред. Сега ја повторуваме постапката, со најава дека отвораме широка јавна дебата по нашиот предлог, со цел да дојдеме до решение што ќе биде прифатливо за сите актери на политичката сцена. Урбанизмот е премногу важна област од животот, за да не се потрудиме да му го дадеме вистинското место!
На новинарско прашање Што мисли за реновирањето на фасадата на Владата на Република Македонија, членот на Комисијата за урбанизам при ДОМ, доц Д-р Александар Андовски архитект – урбанист, специјалист од Историја на урбанизам изјави: Ја поздравувам идејата за реконструкција на фасадата и ако се прави измена тогаш истата да биде што поблиска до оргиналот. Секако тука треба да се почитува авторскиот труд, но и да се води сметка за зонирање на градот, за да можат цели зони да бидат во ист стил.