Поставена е стратешката рамка за постигнување на баланс меѓу развојот на државата и активностите за намалување на климатските промени.Во насока на искористување на можностите кои ги нуди механизмот за чист развој, во блиска иднина треба да се создадат предуслови државата да ги признае јаглеродните кредити како финансиски инструмент – хартии од вредност и да се донесе соодветна законска регулатива,да се надминат објективните и субјективните пречки како недостаток на податоци, поголема координација, а исто така ќе биде потребно засилување на приватните и јавни финансиски текови за превземање на мерки за намалување и адаптирање кон климатските промени, како и за трансфер на технологијата и јакнење на капацитетите, од што најголема бенефит ќе имаат потенцијалните мали и средни инвеститори.
Во рамки на своите можности и статус во Конвенцијата на ОН, Македонија придонесува кон реализирање на заложбите на ЕУ и меѓународната заедница. Познато е дека, за ЕУ климатските промени се еден од четирите најглавни приоритети, која пред себе ја има поставено улогата на предводник во меѓународните преговори за постигнување на политички договор за превземање на активности за намалување на емисиите и прилагодување кон климатските промени. Заложба на Владата на Република Македонија е инкорпорирање на прашањето за климатските промени во генералната стратегија за планирање и развој на државата со цел намалување на порастот на штетните емисии преку развој на мерки за намалување на емисиите во развојните планови на државата, а како држава со кандидатски статус за полноправно членство во ЕУ, својот развој го темели врз основа на почитување на овие приоритети.
Македонија зема активно учество во работата на Конвенцијата на ОН за климатски промени и се приклучи кон државите кои пристапија кон т.н. Копенхагеншки договор, потпирајќи се на податоците од Вториот Национален Извештај за климатски промени. Со ова, Македонија ја реализира својата заложба за приклучување кон светските напори за борба против климатските промени и придонес кон реализирање на целите и принципите на Конвенцијата на ОН за климатски промени, пред се со мерки и активности за намалување и ублажување на климатските промени кои се однесуваат на електроенергетскиот сектор, индустрискиот сектор, промоција на одржлив транспорт, имплементација на системи за собирање и согорување на метан на депониите, воведување на системи за собирање и согорување на биогасот на свињарските фарми и други мерки – изјави Стево Темелковски, Заменик министер за животна средина и просторно планирање.
Во еден од најзначајните стратешки документи на национално ниво, Националната стратегија за одржлив развој, прашањето за климатските промени е идентификувано како едно од најглавните, со исклучително големо влијание врз секторите енергетика, земјоделие и индустрија. Прашањето за климатските промени е разработено и во Вториот Национален Акционен План за животна средина, Националната Стратегија за прилагодување кон ЕУ во делот на животната средина, Националната Стратегија за инвестиции во животната средина, Стратегијата за комплексен развој на енергетиката, Базната студија за обновливи извори на енергија, Националната Стратегија за адаптација на здравствениот сектор кон климатските промени и други – дообјасни Темелковски за напорите на Македонија на ова поле.
Сметаме дека е поставена стратешката рамка за постигнување на баланс меѓу развојот на државата и активностите за намалување на климатските промени. Ќе биде потребно засилување на приватните и јавни финансиски текови за превземање на мерки за намалување и адаптирање кон климатските промени, како и за трансфер на технологијата и јакнење на капацитетите. Во иднина во развојните патеки на националната економија треба да се вградат мерки за ублажување на климатските промени, односно со други зборови кажано на Македонија и е неопходно озеленување на економијата за таа да стане поконкурентна на светскиот пазар.
Во насока на искористување на можностите кои ги нуди механизмот за чист развој, Владата на Р.Македонија во 2007 година ја усвои Националната Стратегија за механизмот за чист развој за првиот период на обврски 2008-2012 според Протоколот од Кјото. До сега се реализирани сите неопходни предуслови за функционирање на овој механизам, а тоа е назначување на Министерството за животна средина и просторно планирање како орган на државната управа одговорен за координирање на активностите за спроведување на проекти од овој механизам. Исто така усвоени се и процедурите неопходни за спроведување на проектите согласно механизмот за чист развој од Протоколот од Кјото. Република Македонија е прва земја во регионот што назначи надлежен национален орган и воведе член за механизмот за чист развој (МЧР) во законот за животна средина – заврши Заменик министерот, Стево Темелковски.
Степенот на искористеност на овој механизам не зависи само од волјата на државата, туку и од интересот на заинтересираните инвеститори и се разбира потенцијалот за редукција на стакленичките гасови на конкретен проект. Во енергетскиот сектор се сконцентрирани 70% од емисиите на стакленички гасови, заради што во истиот постои потенцијал за намалување на овие емисии во иднина. Висок потенцијал за намалување на стакленичките гасови има и во правилното менаџирање на цврстиот отпад и отпадот од домашниет животни. Примената на механизмот на чист развој ќе придонесе кон одржлив развој на нашата држава во иднина.
Според доц. Д-р Ана Лазаревска од Машинскиот факултет во Скопје, Република Македонија во моментот е на 31 место во светот по интензивност на јаглеродни емисии во однос на БДП со705.9 tCO2eq/mln$GDPintl. Во енергетскиот сектор се концентрирани околу 70% од сите емисии на стакленички гасови (GHG – Green House Gases) со значителен потенцијал за намалување на емисиите на GHGs. Друг потенцијал е скриен во менаџирањеото со цврстиот отпад и отпадот од домашните животните, Енергетската ефикасност (EE) и обновливите извори на енергија (OИE) кои исто така мора да се искористуваат многу повеќе. Сега за сега во Македонија постои еден регистриран проект од МЧР тоа е COGEL, но тој не генерира CER, а постојат неколку проектни идеи кои чекаат на реализација, тука ќе ги спомнеме пред се: Гасната комбинирана централа (CHPP), АД TE-TO; Проектот за зафаќање и согорување на депонискиот гас – чиј потенцијален носител на проектот треба да биде ЈП Дрисла и/или Градот Скопје; рехабилитиацијата на котлите во клиничкиот центар; Проектор за искористување на биомаса и подобрување на енергетска ефикасност во Кочани. Сетоа ова укажува дека јаглеродните кредити кај нас се сеуште недоволно искористен финансиски механизам.
Затоа во блиска иднина треба да се создадат предуслови државата да ги признае јаглеродните кредити како финансиски инструмент – хартии од вредност и да се донесе на соодветна законска регулатива, Националните банки или инвестициски фондовида ги менаџираат јаглеродните кредити, но и да се надминат објективните и субјективните пречки како недостаток на податоци, поголема координација, намалување на политичките влијанија од надвор и од внатре. Од ова најголема бенефит ќе имаат малите и средни потенцијални инвеститори кои не се во состојба да побараат финансирање од големите меѓународни и национални банки.