Балканските зелени на средбата во Атина, при формирањето на Балканската зелена мрежа едногласно се согласија дека на Балканот му треба нов политички и економски пристап и дека зелените партии треба да вложат максимални напори нивните политики да бидат имплементирани во државите од каде доаѓаат.
Четиричлена делегација на ДОМ од 09 до 11 декември 2011, во состав Тони Ристов, Моника Стојаноска , Мирослав Богдановски и Јасмина Лескаровска, престојуваше во Атина, Грција, каде учествуваше на формирањето на Балканската зелена мрежа, која е под закрилата на Европската Зелена Партија.
Постоечките проблеми во финансискиот сектор, економските, социјалните, демократските и еколошките кризи, како и климатските промени беа причината за средбата, а воедно тоа беа и фокалните точки за кои расправаа балканските зелени и членовите на раководството на Европската зелена партија, генералниот секретар Жаклин Кремерс и членот на извршниот комитет Алексеј Козлов, европарламентарците Михалис Тремопулос и и Свен Гиленголд и претставниците од неколку европски зелени фондации.
Во однос на развојот на демократија, беше потенцирано дека во повеќето земји од Балканот потребно е засилување на демократизацијата на општествата, подобрување на условите на медиумите за слободен развој, многу поангажирана борба против корупцијата, почитување на слободите на граѓаните особено на малцинските права во секоја држава и засилена борба против појавата на национализам и популизам, особено во овие моменти кога земјите се соочуваат со економска криза, која од своја страна и ги создава овие анти-демократски процеси.
За позабрзан развој на балканските економии, уште еднаш беше потенцирано дека Новиот Зелен Договор претставува сеопфатен пакет на политики, и тој нуди иновативни и меѓусебно поврзани решенија и ново политичко размислување за економската визија. Притоа беше истакнато дека балканот извонредно брзо може економски да се развива во неколку сектори како: екотуризмот, органското земјоделство, поголемата примена на обновливите енергии, создавањето на одржливи индустриски политики ососбено во тешката индустрија каде би се водело повеќе сметка за еколошките потреби и заштитата и унапредувањето на животната средина.
На крајот учесниците на средбата сите едногласно се согласија дека на Балканот му треба нов политички и економски пристап и дека зелените партии треба да вложат максимални напори нивните политики да бидат имплементирани во државите од каде доаѓаат.