За ДОМ е сосема природно што го иницираше Зелениот катастар и што цврсто се залага за реализација на овој проект, затоа што со него ќе создаеме услови за поздраво живеење и ќе добиеме поквалитетна естетска вредност на градот Скoпје. Процесот на изработката на катастарот на зеленилото во Град Скопје, би се изработувал во три фази, поточно изработка на електронска база на податоци – попис на зеленилото во градот, изработка на план за развој на зелените површини, како и спроведување кампања за подигнување на јавната свест за потребата за зачувување и унапредување на урбаното зеленило. Скопје, 05.12.2011. Во просториите на Град Скопје се одржа донаторска средба со наслов “Зелен катастар за идните генерации на Скопје”, а целта беше обезбедување на потребни финансиски средства за изработка на Зелен катастар на Град Скопје. Притоа на претставниците од дипломатскиот кор и од бизнис заедницата им беше претставен проектот, неговите цели и бенефитите кои тој треба да ги донесе.
Раководител на секторот за заштита на животната средина и природата, Цветанка Икономова – Мартиновска, и модераторот на конференцијата изрази благодарност до присутните за покажаниот интерес за учество на оваа конференција. Исто така, изјави дека за изработката на Зелениот катастар се предвидени финансиски средства во буџетот на Град Скопје за 2012 година, но дека се потребни дополнителни финансиски средства за негово целосно реализирање.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, во своето обраќање го потенцираше значењето на урбаното зеленило како значаен фактор за заштитата на животната средина и подигнување на социо-економските параметри за подобар кавалитет на живот от за граѓаните на Скопје.
– Зелениот катастар ќе биде основа за унапредувањето на јавните зелени урбани површини со оглед на фактот што зеленилото, покрај функционалните, рекреативните, амбиенталните и социјалните функции, подеднакво придонесува и во намалувањето и адаптирањето на климатските промени. Со Зелениот катастар ќе се утврди површината, сопственоста и квалитетот на зеленилото, во функција на урбанистичкото планирање, а со крајна цел да се спречи натамошната пренамена на зеленилото во градежни цели. Зелените површини, односно дрвото е добра инвестиција. Затоа од градот се трудиме покрај унапредувањето на инфраструктурата, преку изградба на нови или реконструкција на нови објекти, големо внимание посветуваме и на оплеменување на просторот со нови зелени површини. Градот во изминатиот период има посадено над 40.000 нови садници, а во истиот временски период се исечени само 2.000 стебла. Ние ја разбираме потребата од модернизација на просторот, подигање на јавната свест, носење нова легислатива и затоа и започнавме соработка со ДОМ – рече Трајановски.
Пред присутните се обрати претседателката на ДОМ и пратеник во Собранието на Република Македонија, Лилјана Поповска, која рече – за ДОМ е сосема природно што го иницираше и што цврсто се залага за реализација на овој проект, затоа што со него ќе создаеме услови за поздраво живеење и ќе добиеме поквалитетна естетска вредност на градот Скoпје. Процесот на изработката на катастарот на зеленилото во Град Скопје, би се изработувал во три фази, поточно изработка на електронска база на податоци – попис на зеленилото во градот, изработка на план за развој на зелените површини, како и спроведување кампања за подигнување на јавната свест за потребата за зачувување и унапредување на урбаното зеленило.
Идеата за изработка на Зелениот катастар беше иницирана на тркалезната маса организирана од ДОМ, со работен наслов “На Скопје итно му треба попис на зеленилото – Зелен катастар”.
Со цел забрзување и синхронизирање на активностите, Градот Скопје формираше Координативно тело за изработка на Зелен катастар коешто изработи проектна програма со цел обезбедување финансиски средства за организирање и спроведување на проектните активности. Согласно со проценките на координативното тело, вкупната вредност на проектот во двете предвидени фази треба да изнесува околу 300.000 евра.